Работничкиот празник дочекан со скратени плати и игнорирани права: Културните работници со јасна порака за 1 Мај

На денот што симболично го слави трудот, правдата и достоинството, културните работници во земјава 1 Мај го дочекаа со скратени плати, потценети квалификации и молк од институциите. Наместо празнична благодарност, работниците во културата добија ново понижување.

Според Синдикатот на културни работници на Македонија (СКРМ), платите за месец март им се скратени за 3% преку еднострани и неусогласени решенија. Притоа, не се признаваат стручните звања на дел од вработените, кои со таквиот потег практично се прогласуваат за „непотребни“, само за да не им биде исплатен заслужениот надомест.

„Први мај не е само празник, туку симбол на борбата за праведни услови и достоинствен живот. Овој ден е потсетник дека секој труд заслужува почит, а секој работник сигурност и фер третман,“ порачаа од СКРМ, упатувајќи критика и до обидите за укинување на финансиски стимулации за уметници и културни работници, како и до нападите врз Колективниот договор за култура.

Синдикатот предупредува и на несоодветните услови за работа во многу установи, како и на систематското запоставување на културата како јавен интерес. „Во културата, трудот не се мери само со време, туку со посветеност, инспирација и љубов кон уметноста и духовното наследство,“ велат оттаму.

Овој 1 Мај, членовите на СКРМ протестираат и во знак на сеќавање на нивниот колега и синдикален активист Самоил Стојановски, кој беше неуморен борец за правата на работниците во културата.

„Овој 1 Мај ќе протестираме без тебе, Самоил, но твојот борбен дух и енергија ќе биде меѓу сите нас,“ стои во пораката на синдикатот.

Во време кога државата говори за културен развој и реформи, културните работници алармираат дека реалноста на терен е сосема спротивна. Наместо поддршка – скратувања. Наместо признание – административен молк.

„Овој ден нека биде повик за солидарност, заштита и вреднување на трудот во културата. Бараме правда, не привилегии,“ велат од СКРМ, со јасна порака: достоинството на работникот не смее да биде жртва на бирократски игри.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни