Партијата на премиерот Јонас Гар Сторе и нејзините сојузници освоија 87 од вкупно 169 места во парламентот, додека централно-десничарската опозиција доби 82 места, откако Конзервативците доживеаја еден од најлошите изборни резултати во последните децении.
Во обраќање пред своите поддржувачи во Осло, Сторе рече дека резултатот покажува дека „Социјалдемократите можат да победат на избори и покрај растечките десничарски сили во Европа“, пренесува норвешкиот медиум VG.
Партијата на десничарските популисти, Прогрес Партијата, забележа најдобар резултат во национални избори, дуплирајќи го својот удел на гласовите на околу 24 проценти, што ја направи трета најсилна сила во парламентот, зад Работничката партија и нејзиниот левичарски блок. Лидерот на Конзервативците, Ерна Солберг, ја презеде личната одговорност за слабите резултати на нејзината партија.
Резултатот значи дека Сторе веројатно ќе формира влада со поддршка на уште четири левичарски партии. Кампањата беше тесна и доминирана од дебати околу трошоците за живот, даноците на богатството, иднината на норвешкиот државен фонд вреден 2 трилиони долари и надворешната политика на земјата, вклучувајќи ги и односите со претседателот на САД, Доналд Трамп.
Сторе е премиер на малцинска централно-левичарска коалиција од 2021 година. Неговото подобрување во анкетите оваа година е тесно поврзано со враќањето на популарниот поранешен генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој во февруари стана министер за финансии. Во деновите по неговото назначување, ефектот наречен „Столтенбек“ ја зголеми поддршката за Работничката партија за 10 процентни поени.
Извор: Politico