Работите што не се важни

Пример како кога комшивката вика по нејзиното маче што е на балкон да влезе во станот, додека тоа се противи? А во истиот момент нејзиното тригодишно дете вика по неа да му даде вода, а таа не му обрнува никакво внимание? Не велам дека мачето не е важно, ги сакам јас животните, ама исто ги сакам и децата… особено ги сакам и сакам да им обрнам внимание кога им се пие вода, затоа што најверојатно не можат да си ја наполнат таа вода сами.

Пишувам за работите кои што не се важни затоа што ми пречат тажните лица на оние кои поминуваат покрај мене наутро кога одам на работа. Се прашувам зошто се тажни. Не се еден ден тажни, туку секој ден се тажни. Не знам, веројатноста е дека барем еден ден ќе им се згрешеше да бидат среќни. Не знам, можеби по грешка ќе им се насмевнеше дете, или ако не тоа, ќе им стигнеше платата и за тоа ќе беа среќни, ама не се…

Дефиниција за живот? Збир на свесни или несвесни НАШИ одлуки кои секој ден ги живееме и мал дел на ситуации за кои не можеме да одлучиме дали ќе се случат, ама секако можеме да одлучиме како ќе реагираме на нив. Јас, еве, одлучив да ја читам книгата на Ѕвездан Георгиевски „Базирано врз речиси вистинити настани“ поради нејзината корица, шарена е и впечатлива. Ѕвездан го имам видено двапати во животот – еднаш по улица и еднаш на една панел-дискусија, тој мене сигурно ме нема видено и тоа не е ни толку важно. Ова на корицата, ако ја раздвижам мојата фантазија, најверојатно треба да е исто така Ѕвездан, значи веќе можам да сметам дека сме се виделе трипати. Знам дека книга не се бира по корица… ама јас оваа ја одбрав така, и одлучувам да се носам со таа одлука, односно да ја прочитам и да разберам што е базирано на речиси вистински настани. Да речеме дека сум почнала да читам со следната помисла – секоја вистина е речиси вистина, затоа што не постои апсолутна вистина. Постои мојата, твојата, оваа на Ѕвездан што ја прочитав и најверојатно на уште многу читатели што ќе ја прочитаат книгата.

Еве зошто за оваа книга пишувам во колумна со наслов „Работите кои не се важни“. Ѕвездан во книгата пишува за првите реченици од книги кои не ги напишал. Она што ми беше убаво е што тој не се задржува на моментот дека не ги напишал книгите, туку објаснува зошто сакал да ги напише и зошто на крај не ги напишал – и некако ми се чини среќен со тоа што е така. Не знам, не го познавам Ѕвездан и дефинитивно не се суди читателот за тоа како да доживува една книга, затоа што толкувањето на уметноста е засебно – секој ја толкува така како што има потреба во моментот да ја истолкува. За мене е вака.

Така, читајќи ја книгата, ја видов комшивката која си го игнорираше детето, а се фокусираше на мачето. По улица помина млад пар кој одеа еден до друг, не се насмевнуваа еден на друг, туку им се насмевнуваа на екраните. Разговарав со пријатели и сите ми зборуваат како се апатични, и летаргични, и депресивни… ама зошто? Види го Ѕвездан – нему не му е криво зошто не ги напишал книгите на кои им ја знае првата реченица. И всушност не му е криво, затоа што знае зошто не ги напишал. А ти? Знаеш зошто ги направи одлуките кои ги направи? Или сите се во делот на работите кои не се важни?

Знаев доста работи пред да ја прочитам книгата на Ѕвездан. А сега? Сега знам една повеќе. Ама воопшто не ми е гајле за работите кои не се важни, затоа и не се вртам накај нив. Ако стојам до тебе, ќе те гледам во очи. А ако не ми е убаво, ќе се поместам – не сум дрво…

Утре кога ќе одам на работа, на неколку луѓе кои ќе ги сретнам можеби и ќе им раскажам дека не можеме постојано да бидеме несреќни и фокусот да го држиме на неважното – само за да избегаме од реалноста што самите сме ја создале. Или ќе ја прифатиме, или ќе ја промениме. Јас, на пример, ја прифатив шарената корица и испадна дека внатре има добра содржина. Не ја избрав рационално, ама не сум избрала ни погрешно. А ако одберев погрешно, ќе отстапев и ќе ја оставев на некој што ќе беше среќен со таа книга. И сега сум среќна со она што го држам во раце. Не би го сменила. Ни корицата, ни содржината, ни одлуката да ѝ посветам внимание.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни