Трн: Како излезе соработката со Мирко Илиќ и како се вклучи во проектот „Толеранција“?
Никола Војнов: Случајно, ненадејно излезе контактот со Мирко и многу ентузијастички скокнавме во проектот. Околу предавањето јас бев иницијатор затоа што Мирко Илиќ е супер за да даде некоја нова енергија на нашите следни генерации. Кога ќе им се отворат видиците на дизајнерите, почнува да им станува подостапно дека треба љубов.
Трн: Што недостасува на дизајнерите кај нас?
Никола Војнов: Мислам дека недостасува малце повеќе љубов и желба да се прави нешто. Често поставувано прашање од новите генерации е: „Колку ќе ме платите?“ Но, што сакаш да направиш ти за да бидеш платен? Мирко и Милтон Глејзер целиот проект го направија без пари. Двигателот е љубовта и енергијата да направиш нешто, а парите си доаѓаат како логичен след. Мирко Илиќ ќе работи додека е жив, нема да се пензионира никогаш, нема од што да се пензионира, се пензионираш од нешто ти е обврска што треба да го правиш за да преживееш, а во овој случај тој работи заради тоа што сака да го прави. Истото би го работел и воопшто да не е платен. Сите работи што најмногу ме имаат развиено не се работи кои сум ги наплатил, туку тоа биле работи што биле правени за без пари за кој што сум верувал и сум мислел дека е добра идеја. Секогаш било почнато од желбата да се креира, да се создава нешто.
Трн: Што сметаш за твој најголем успех?
Никола Војнов: Научив да прифатам дека некои работи што ќе ги направам се ТАПА! Имам различни проекти кои ми се драги, но најголем успех е тоа некогаш да се помирам со тоа што немам идеја и не верувам во тоа што го правам. За мене дизајнот не е само визуелно изразување; тоа е начин на размислување и решавање проблеми. Ако се работи за графички дизајн треба графички да ги решиш работите, успехот би бил ако можеш на што поедноставен начин,со помалку визуелни работи да пренесеш поголема порака. Некогаш таа порака е конкретна, што сакаш да кажеш, а некогаш е тема која сакаш да ја отвориш, да те натера да размислиш. Применета уметност е тоа, да можеш во 3 секунди да го видиш плакатот и да сфатиш и да влезеш во некое размислување и да добиеш некоја порака.
Трн: Колку време ти требаше да го изработиш овој постер?
Никола Војнов: Технички, 15 минути! Работев неколку дена паралелно на неколку решенија. Но, не се работи само технички колку време ти треба, туку колку време поминав во истражување на поимот толеранција, кој е доста комплексен.
Не се мерат работите според тоа колку време ти требало да дојдеш до решението.
Толеранцијата е малку комплицирана тема која што навидум изгледа фина педантна и убава порака, ама колку повеќе навлегуваш во неа толку повеќе сфаќаш дека е компицирана темата, затоа што треба да звучи како да има соживот, вие не се сакате, ама трпете се дали е тоа толеранција затоа што некогаш тоа ќе пукне! Треба да толерираме различности апсолутно, тоа е прифаќање на различности а тие различности се супер затоа што тогаш правиме диверзитет и убаво е да ги имаме, така светот е побогат.
Трн: Што не толерираш ти?
Никола Војнов: Не би сакал да толерирам штетност према било кого. Лажење и неискреност не би толерирал. Секој може да прави што сака, доколку не наштетува на некој друг.
Трн: Вашиот постер за изложбата „Толеранција“ има контроверзна и силна визуелна порака. Што беше вашата основна инспирација зад оваа креација?
Никола: Барав начин како да се долови моментот дека толеранцијата е сплотеност на две страни, но исто така дека некои работи можат сериозно да ја нарушат таа толеранција. Контроверзен е Хитлер; во тој совршен баланс на јинг јанг еден мал детал многу ја менува работата.
Трн: Креирањето на постер кој е дел од глобален проект како „Толеранција“ носи голема одговорност. Како се справивте со притисокот да создадете нешто што ќе се разликува од останатите постери, а сепак ќе ја задржи темата толеранција?
Никола: Тој притисок постои за секој проект кога го работиш, оваа можност е поголема и поизложена на светот, ама пристапот е ист, на било која работа кога се работи. Пристапот е да дојдеш до најдоброто нешто до кое можеш да дојдеш, да најдеш што да кажеш, да пробаш да го кажеш тоа на едноставен и убав начин и после тоа го спакуваш.
Трн: Проектот „Толеранција“ е најмасовната изложба на постери на светско ниво, при што сте работеле со многу различни уметници. Како успеавте да го зачувате единството на проектот, додека овозможувавте секој уметник да има своја креативна слобода? Како ги избравте учесниците?
Мирко Илиќ: Повеќето на оваа изложба се професионалци, добро истренирани професионалци и нив не им треба многу совети, и мислам дека е многу важна порака дека на луѓето треба да им се верува ако се професионалци да си ја завршат работата. Дизајнот е малку поинаков сите мислат дека можат нешто да додадат и сите тие луѓе не би кажале на својот хирург немој да ме сечеш тука, пробај овде да изгледа поубаво итн. Поради тоа тоа беше едноставен процес. Секогаш пишувам еден мал бриф за изложбата и плакатите. Секогаш ги праќам сите досегашни плакати бидејќи многу логично е некои идеи да почнат да се повторуваат па не сакам подоцна да им соопштам а не, тоа е веќе направено и единствена порака беше сите на мајчин јазик да го напишат зборот толеранција, а другата работа беше да го потпишат своето име, ама не кон името да го додадат и име на државата. Затоа што кога ќе го прочиташ името на земјата, без разлика дали е од Иран или Индија малку го менува значењето што е на плакатот, од каде доаѓаат, затоа што после тоа почнувате да го гледате низ нивната култура. Тоа е многу едноставен процес, можеби најтежок дел од процесот е тоа што дизајнерите се прилично скромни луѓе и на сите им кажувам да не брзаат, да го направат штом добијат идеја, па 3-4 месеци треба да ги потсетувам 🙂
Трн: По толку многу години патувања и изложби во различни земји, дали вашата перцепција за проектот се променила? Што беше најголемото изненадување?
Мирко Илиќ: Изненадувањата се состојат што повремено луѓето ми ѕвонат и ми кажуваат дека сакаат изложба не ги барам јас нив, туку тие мене. Ме повикаа од Јоханесбург, од јужна Африка да поставам изложба во затворот каде што бил Мандела, во ходниците на тој затвор, на стогодишнината од неговото раѓање. Тој затвор е секако сега национален споменик и во време кога тие плакати без низ тие ходници во исто време Обама надвор држеше говор за значење на Мандела. Тоа е едно убаво искуство и мене драго и преубаво бидејќи Мандела мислам дека додека бил жив бил најголем показател за тоа што е толеранција.
Фотографија: Ангел Ангеловски