Работилница за средношколци на тема сексуално преносливи инфекции

Во фокусот на работилницата беше важноста за превенција од ХИВ

По повод 1 декември – Светскиот ден против СИДА, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, во соработка со средното училиште СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, организираше работилница за средношколци, спроведена од тим на средношколци, коишто на своите соученици, пријатели и познаници им пренесоа знаења на тема сексуално преносливи инфекции, со фокус на важноста од ХИВ превенцијата. Работилницата е во рамки на активностите коишто во континуитет ги спроведува ХЕРА за информирање и едукација на јавноста, а со крајна цел подигнување на свеста кај младите за оваа тема и ставање крај на стигмата и стереотипите поврзани со ХИВ.

„Преку предавањата, програмските активности и содржини, видовме дека учениците немаат доволно познавање од темата сексуално преносливи инфекции. Честопати влегуваат во незаштитени сексуални односи, без да се свесни за последиците, како пренесување на сексуално преносливи инфекции или опасност од непланирана бременост“, вели Нина Кнагс, Професорка во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“.

Сексуалното здравје и права се од суштинско значење за остварување на човековите права, особено за луѓето кои живеат со ХИВ или се изложени на ризик од ХИВ инфекција. Пристапот до превентивните услуги за ХИВ обезбедува поздрави заедници и нè доближува до ставање крај на СИДА-та како закана за јавното здравје. Но, истражувањата покажуваат дека една од најголемите пречки за справување со ХИВ, сè уште е доцната дијагноза.

„Превенцијата за ХИВ е клучна, но жал сведоци сме дека во континуитет се намалуваат токму средствата за превенција од Превентивната програма за ХИВ-инфекција, постои опасност од престанок на услугите кои ги користат над 8.000 граѓани и со кои се спречува епидемија на ХИВ и се обезбедува животоспасувачка превенција. Со инвестирање во превенција и тестирање ќе откриеме повеќе луѓе кои живеат со ХИВ, а не се свесни за истото, што на долг рок ќе резултира со драстично намалување на бројот на нови инфекции и потиснување на епидемијата“, истакна Ева Спасевска, програмска раководителка во ХЕРА.

Со раното откривање на ХИВ и соодветен третман, целосно се спречува ризикот од понатамошно пренесување на инфекцијата преку сексуален чин. Истовремено, антиретровирусната терапија покрај тоа што на лицата со ХИВ им овозможува да живеат долго и квалитетно, е ефективна превенција на ХИВ, бидејќи го намалува вирусот на недетектибилно ниво, а со тоа оневозможува натамошен пренос.

Според податоците од Светската здравствена организација, во 2023 година, на глобално ниво, со ХИВ живеат околу 39,9 милиони луѓе. А приближно 630.000 луѓе починале од причини поврзани со ХИВ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни