Во рамки на годишната програма, КСП Центар- Јадро организира работилница за сценска костимографија во текот на октомври и ноември 2024 година под менторство на костимографката Марија Папучевска.
Костимографијата е уметничка дисциплина во применетата уметност која има за цел уметнички да обликува дел од сценскиот простор чиј интегрален дел се и костумите. Во исто време една од главните цели на костимографијата е да прикаже одредени расположенија преку форма, боја и карактер, со цел да се претстави амбиент, феномен или состојба, а преку тоа и да го прошири значењето на претставата.
Оваа работилница има за цел да овозможи сеопфатен вовед во светот на сценските костуми поврзувајќи го историското значење и искуство со практични вештини и креативно дизајнерско размислување.
Повикот е отворен до 15 октомври!Работните сесии ќе се одржуваат во просторот на Центар-Јадро (ул. Алберт Ајнштајн бр.2)
Бројот на местата е ограничен и од прифатените апликанти се очекува редовност на сите сесии.
,,Преку серија од четири двочасовни предавања и практична работилница со истакнатата костимографка Марија Папучевска, наша цел е на учесниците да им овозможиме да научат за историјата на театарската костимографија која не е доволно интегрирана во курикулумите на нашите образовни институции.Исто така, преку креативен процес на учесниците ќе им овозможиме да креираат свои костуми” велат организаторите.
Работилницата е наменета за сите мотивирани, млади локални уметници и модни креатори кои сакаат да ги зголемат своите знаења и вештини во областа на сценската костимографија но и за сите оние кои би сакале да ги продлабочат своите знаења и вештини.
Марија Папучевска, костимографка, дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, на одделот за текстил и текстилно инженерство со дизајн. Магистрирала на Нов Бугарски универзитет – специјалност: сценски дизајн и медиум. Од 2000 година работи во Националната Опера и Балет на Република Северна Македонија како раководител на секторот за костимирање.
Како костимографка работела на бројни драмски, оперски, балетски проекти, во сите театри низ републиката, а и надвор (Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Црна Гора).Добитник е на наградата „Војдан Чернодрински“ три пати за најдобра костимографија на претставите „Марисол“, „Ревизор“, „Лавиринти“ и „Ужегнатост“. Папучевска исто така е добитник на „Јоакимовата награда“ на Меѓународниот фестивал во Крагуевац за претставата „Нашиот клас“, како и наградата за најдобра костимографија на „ Фестивалот Војводина за професионален театар“ во 2021 година за претставата „Ана Каренина“. Го реализирала самостојниот проект „СО-ОБЛЕКУВАЊЕ“, костимирана аудио-визуелна порака каде што прави спој на различни визуелни и аудио елементи со цел да ја покаже меѓузависноста и неделивоста на драмата, операта и балетот преку специфичен костимографски ракопис. Авторка е на костимографии за 100 драмски, 25 оперски , 10 балетски проекти како и за филмот „МИРУШ“ (КАЗАБЛАНКА) – на режисерот Мариус Холст. Како сценограф потписник е на два драмски проекти „Елка кај Иванови“ и „Излез“.