Хитот на последниот Нихон-џи фестивал, Кирил Петровски вчера во Центар Јадро ја започна сезоната на Сакура фестивал со работилница за комплексно оригами. Присутните имаа можност да се запознаат со напредната техника за правење оригами и да видат како изгледа едно мало уметничко дело направено од хартија.
На работилницата беше презентирана историјата на оригами, потеклото, едноставни комплексни и супер комплексни оригами. Потоа процесот на изведба од превиткување, до формирање скоро реални скулптури од еден лист хартија, како и најпознатите креатори на шеми и тоа како се внесува индивидуалност и креативност во крајните продукти
Овогодинешниот фестивал на Јапонска култура „Сакура фестивал“ со богата музичка програма, со изложби и работилници на различни теми, ќе се одржи на први јуни во Младинскиот Културен Центар.
„Оваа година ќе учиме од нашите јапонски пријатели како да ја почитуваме природата и да создадеме подобра иднина за сите. Применувајќи ја јапонската методологија Каизен се трудиме постојано да се подобруваме и секоја година да ви приредуваме сè подобар фестивал. Овој пат ќе влечеме инспирација преку визионерските уметнички дела, перформанси и музички изведби, ќе научиме од јапонските вештини и искуства што може да ги примениме во нашето општество, култура и само дисциплина, ќе гејмаме и ќе се забавуваме!“, велат организаторите на фестивалот.