Работилница за експериментални видео форми инспирирана од Меријам Тафакори во КСП Центар-Јадро

На работилницата ќе се истражува како цензурата во иранската кинематографија поттикнува развој на алтернативни визуелни и наративни стратегии, како преку филмски колаж може да се реинтерпретираат постоечките слики и да се создаваат нови значења и за употреба на персиска поезија и гласовни записи како средства за изразување потиснати емоции.

На 27 март во 14:30 часот во КСП Центар-Јадро ќе се одржи работилница за експериментални видео форми инспирирана од Меријам Тафакори. Оваа работилница нуди простор за експеримент и истражување на методолошките пристапи на Меријам Тафакори, чија кинематографска практика претставува поетска истрага на сензуалното и неизговореното во иранскиот филм.

Преку користење на колажни техники, реорганизирање на постоечки визуелни архиви, текст и звук, учесниците ќе имаат можност да истражат нови релации, значења и наративи, инспирирани од нејзиниот уникатен пристап.


На работилницата ќе се истражува како цензурата во иранската кинематографија поттикнува развој на алтернативни визуелни и наративни стратегии, како преку филмски колаж може да се реинтерпретираат постоечките слики и да се создаваат нови значења и за употреба на персиска поезија и гласовни записи како средства за изразување потиснати емоции.

Работилницата е отворена за сите што се заинтересирани за експериментален филм, визуелна нарација и алтернативни кинематографски пристапи. Заинтересираните можат да се пријават до среда (26.4) на следниот линк:
https://docs.google.com/…/1FAIpQLSd4FejQWCE…/viewform…

Фасцилитатори на работилницата: Артан Садику – филозоф и куратор, Ивана Мирчевска – уметница и
Ѓорги Пулевски – културен работник.

Работилницата ќе се осврне и ќе се потруди да ги распакува пристапот и методолошката практика на Меријам Тафакори чијашто дејност претставува поетска истрага на сензуалното и неизговореното во иранскиот филм. Преку пристапот на колажен филм, таа составува фрагменти од постоечки филмови, преплетувајќи ги со текст, поезија и архивски материјал за да истражи теми како што се желбата, цензурата и неискажаните интимности во рамките на иранската пост-револуционерна кинематографија.

Меријам ТАФАКОРИ (1987, Иран) е уметничка и режисерка чии текстуални и филмски колажи ги испреплетуваат поезијата, документарниот и архивскиот материјал. Таа живее во Лондон и Шираз. Темите како поезија, политика, религија и егзистенцијални истражувања се главна инспирација за нејзината работа. Филмовите и инсталациите на Тафакори се прикажани и изложени на десетици европски филмски фестивали. Добитничка е на наградата Film London Jarman за 2024 година.

Во нејзините дела, Мериам контекстуализира моменти од постоечки ирански филмови, нагласувајќи како желбата и интимноста се изразуваат преку кодирани гестови – погледи што траат, раце што речиси се допираат, наполнетиот простор помеѓу телата. Отсуството на директен физички контакт не ја елиминира сензуалноста; напротив, ја засилува, создавајќи филм за копнеж што опстојува преку навестување. Користењето на поезија како нарација дополнително го засилува овој ефект, давајќи глас на потиснатите емоции и исполнувајќи ги тишините оставени од цензурата, со зборови што повикуваат на допир, здив и копнеж. Нејзините филмови не се само акти на просто повторно составување, туку интервенции, кои преку спојување на постоечкиот филмски материјал со текстуални рефлексии, Тафакори создава форма на визуелна поезија што го открива еротското во фрагментарното и забранетото. Нејзината работа е кинематографски палимпсест, слоевита и сугестивна медитација за отсуството, сеќавањето и сензуалноста на неизговореното.

Оваа работилница ќе послужи како простор за истражување на методолошките стратегии на Тафакори, овозможувајќи им на учесниците алатки за експеримент со колажни техники, реорганизирање на постоечки визуелни архиви и фрагменти, текст и звук, и испитување на можностите за создавање нови релации, значења и наративи, инспирирани од нејзиниот пристап.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни