Тридневната програма ќе се реализира на 30 октомври, 1 ноември и 15 ноември на повеќе локации низ Скопје, а е посветена на истражување на можностите за културна автономија и заедничко делување на локалната квир заедница, со акцент на лезбејските* и трансфеминистичките перспективи.
„Сите сме соучесници во ослободувањето од системите што нѐ гушат, сите имаме своја улога, а совршени сојузници – истомисленици не постојат. Токму нашата разнообразност и политичка волја се наши клучни предности и она што најмногу ги плаши оние што сакаат да нѐ држат конформирани и послушни.“, вели кураторката на програмата Душица Лазова, која истакнува дека квир просторот не е даден – тој се создава, се освојува и се брани.
QUEER програмата отвора со изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот“ на ЛГБТИК+ Архивата „Аркадија“ од Србија, во КСП Центар – Јадро на 30 октомври од 20:00 часот. Архивските фотографии ги документираат регионалните собирања на лезбејки, бисексуални и квир жени од 1990-тите до денес и ја репозиционираат историјата на лезбејскиот активизам како дел од колективната културна меморија во регионот. По отворањето следи трансгенерациски разговор со активист(к)и од регионот за формите на самоорганизирање, културната продукција и заедничките простори на отпор.
На 1 ноември од 11:00 часот во кафе-бар Љубов, мултидисциплинарната уметница Клелија Живковиќ ќе одржи работилница за креативно интервенрање на текстил „Работа со раце (wink): Задоволството како отпор“. Работилницата е инспирирана од идејата за queer joy – радоста како политичка практика и телесна автономија.
Истата вечер, 1 ноември од 21:00 часот, во Љубов следува Дрег кабаре шоу со Лазарус, Падре Долоросо, Один и ем-си Чичо – во продукција на БУЧКУРУЖ, платформа која ја истражува родовата субверзија, телесната политика и квир сценската култура. Перформансот го реинтерпретира наследството на кабарето како простор на ангажиран отпор, политичка сатира и телесно задоволство.
Програмата завршува на 15 ноември во 20:00 часот во Јавна соба со проекција на документарниот филм „Лезбија“ (Lesvia, 2024) на режисерката Цели Хаџидимитриу. Филмот ја носи интимната приказна за лезбејската заедница на островот Лезбос и борбата за простор, љубов и заедништво. По проекцијата следува и разговор со режисерката.
QUEER програмата на ПРВО ПА ЖЕНСКО ги отвара прашањата за колективната грижа, идентитетските политики, меѓугенерациската солидарност и политичката улога на културата. Програмата е посветена на сите кои создаваат простори на слобода и отпор – „има место за сите во гужвата“.