Рускиот претседател Владимир Путин потпиша законот со кој се предвидуваат казни до 5.500 евра (500.000 рубли) за продажба на безалкохолни енергетски пијалаци на малолетници, објавено е на официјалната страница за објавување на руски правни акти.
Со законот се утврдуваат новчени казни за прекршување на правилата за малопродажба на енергетски пијалаци, кои сè почесто се поврзуваат со негативни ефекти врз здравјето на младите.
Претседателот на руската Државна дума, Вјачеслав Володин, претходно изјави дека овој закон е дел од поширока иницијатива за заштита на здравјето на младата генерација.
Пратеникот Алексеј Говирин потсети дека во некои региони на Русија веќе постоеле ограничувања за продажба на енергетски пијалаци на деца, но казните биле или симболични или не постоеле. Сега, со новиот закон, постои унифицирана национална регулатива и значително зголемени казни, особено за региони како Москва и Санкт Петербург каде што праксата веќе постоела.