Рускиот претседател Владимир Путин понудил да ги запре нападите и да ја замрзне линијата на фронтот во Украина ако Киев ѝ го предаде на Русија целосниот надзор над Донбас, објавија Financial Times, Bloomberg и Reuters.
Ова Путин му го пренел на Доналд Трамп на средба на Алјаска, а американскиот претседател потоа го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери
Што е Донбас?
Донбас го сочинуваат две источни украински области – Доњецк и Луганск. Станува збор за индустриски регион каде што конфликтите траат од 2014 година, кога Русија ја окупираше Крим, а проруските сили со помош на Москва зазедоа делови од Донбас.
Непосредно пред почетокот на целосната инвазија во 2022 година, Путин ги прогласи целите региони Доњецк и Луганск за „независни“, а не само ограничените подрачја под контрола на проруските сепаратисти
Денес состојбата на теренот е различна. Луганск е речиси целосно под руска окупација, додека во Доњецката област соодносот е приближно 70 проценти под контрола на Русија и 30 проценти под контрола на Украина.
Токму тој западен дел на Доњецк е клучен за украинската одбрана и сè уште останува надвор од дофат на руските сили.Во него се наоѓаат добро утврдените градови Краматорск и Словјанск, чие потенцијално паѓање би ѝ овозможило на Русија со текот на времето да ја окупира целата област.
Планот на Путин
Според наводите на западните медиуми, Путин му рекол на Трамп дека Русија во замена за Донбас би се согласила на прекин на борбите на останатиот дел од фронтот и на „замрзнување“ на сегашните линии на фронтот. Тоа би значело дека Москва ќе ги задржи и поголемиот дел од териториите на Херсонската и Запорошката област, кои веќе ги има заземено.
Зеленски, според Reuters, веќе го одбил тој план во разговор со Трамп и европските лидери.
Таквиот договор од Украина би барал да предаде делови од територијата кои сè уште не се окупирани, со што Русија де факто би добила целосна контрола над целиот Донбас