Пратеникот во Европскиот парламент и поранешен министер за надворешни работи од редовите на ХДЗ, Давор Иво Штиер, во интервју за N1 изјави дека администрацијата на Трамп како главна цел ја постави геополитичката конкуренција со Кина, но со тоа не можат да се справат без сојузници.
„Нема никакви резултати кои даваат надеж дека војната наскоро ќе заврши. Ја започна Владимир Путин и ако сакаше, ќе ја запреше – Владимир Путин. Тука е и главниот проблем – очигледно тој не сака, инаку војната досега ќе беше завршена“, вели Давор Иво Штиер, кој го толкува масакрот од неделата како јасна порака од Русија до Киев, но и до американската администрација.
„Трамп се ангажираше и никој не мислеше дека војната буквално ќе заврши за 24 часа, но дека ќе се забрзаат процесите кои би довеле барем до примирје – да. Но, се виде колку е тоа тешко токму затоа што Путин не сака“, вели Штиер. Тој додава дека многу од аргументите што се користеа, вклучително и од луѓе во администрацијата на Трамп – дека сè започнало поради проширувањето на НАТО – не држат, затоа што „очигледно тоа не беше главната причина“.
Главната причина за војната, според Штиер, е империјалистичката политика на Владимир Путин: „Сè додека не се откаже од неа, имаме закана од таа страна“, истакнува тој и додава дека кога ќе дојде до мир, фокусот треба да биде тоа „да не биде мир кој ќе го награди агресорот до таа мера, затоа што тоа би бил преседан кој поттикнува нови агресии“, рече тој.
Коментирајќи ги трансатлантските односи, Штиер вели дека тие минуваат низ кризен период. „Пред неколку години не можеше ни да се замисли дека тие би можеле да паднат на ова ниво. НАТО нема да се распадне, ниту ќе исчезне, но трансатлантските односи ќе се променат“, предвидува Штиер. На кој начин?
„Во рамките на НАТО ќе се формира таканаречен европски столб. Тоа беше незамисливо во 90-тите. Денес, европските членки на НАТО, од кои повеќето се и дел од ЕУ, ќе договараат заедничка европска позиција пред да се донесе обединета одлука во НАТО и така ќе преговараат со Американците. Тој НАТО-ов и трансатлантскиот сојуз ќе остане, но ќе биде преобликуван“, предвидува тој. Тоа подразбира јакнење на Европа, односно како што вели Штиер, пред сè „зголемување на одбранбените капацитети преку националните буџети“.
Притоа ја посочува Германија која се обврза да потроши 500 милијарди евра на одбрана во наредните 12 години. „Тоа значи дека Германија ќе има трет најголем воен буџет во светот. Тоа ги менува и трансатлантските односи и европската безбедносна архитектура“, подвлекува европратеникот.
„Европа не е создадена за да биде геополитички субјект кој ќе води војни со трети земји, туку пред сè како мировен проект, за државите што се дел од неа повеќе да не војуваат меѓусебе. Европа е повеќе политички и правен систем кој обезбедува мир меѓу земјите членки“, потсетува Штиер, но додава дека повеќе не може да се смета на САД, што јасно го кажува и самиот Трамп кога повикува на самостојност на Европа како геополитички субјект.
Сепак, според него, САД има потреба од Европа како главен сојузник. Иако не сите американски политичари го делат тој став, Штиер тврди дека постои двопартиски консензус: „Администрацијата на Трамп како главна цел ја постави геополитичката конкуренција со Кина. Во сè друго има големи разлики меѓу демократите и републиканците. Но, со тоа не можат да се справат без сојузници“, заклучува Штиер, кој смета дека Трамп требал да ревидира одредени ставови, што според него сега е очигледно и за американскиот народ.