Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија не планира да војува со европските земји, но дека „доколку Европа сака војна“, Москва е подготвена „веднаш“. Коментарите беа дадени на инвестициски форум во Москва, каде што рускиот лидер ја обвини Европа дека ја изгубила „мирната агенда“ и дека „стои на страната на војната“ преку поддршката за Украина.
Путин предупреди дека доколку европските држави навистина одлучат да започнат војна со Русија, „многу брзо може да се дојде до ситуација во која Москва нема со кого да преговара“. Европските влади, според него, „живеат во илузии“ дека можат да ѝ нанесат стратешки пораз на Русија.
Рускиот претседател повтори дека европските услови за прекин на руската инвазија врз Украина се „неприфатливи“ за Кремљ. Тој повторно тврдеше дека единствен со кого Москва сака да преговара е администрацијата на САД, а не европските лидери, за кои рече дека „му пречат“ на претседателот Доналд Трамп во напорите за мировни разговори. Русија, исто така, одбива да преговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Европа предупредува: Русија создава „опција“ за напад врз НАТО
Германски владини претставници неодамна изјавија дека очекуваат Русија да биде подготвена за потенцијален напад врз НАТО во 2029 година. Според министерот за надворешни работи Јохан Вадефул, најновите разузнавачки анализи укажуваат дека Москва активно се подготвува за сценарио на идни воени операции против Европската унија и НАТО.
„Нашите разузнавачки служби испраќаат итни предупредувања: Русија барем создава опција за војна против НАТО до 2029 година“, соопшти германското МНР, додавајќи дека ЕУ мора заедно со своите партнери да ја засили политиката на одвраќање.
Во повеќе европски држави е забележан раст на активности поврзани со Русија и операции на хибридни напади: сајбер-напади, саботажи, како и дронови и ракети што навлегуваат во воздушниот простор на европските членки на НАТО. Непознати дронови предизвикаа прекини на аеродроми во Балтикот, Источна Европа, но и во Белгија и Германија, додека руски борбени авиони повторно ја повредија естонската воздушна граница.
Европскиот комесар за одбрана, Андриус Кубилиус, за Euronews изјави дека доктрината за современо војување мора длабоко да се реформира, признавајќи дека ЕУ сè уште нема доволно капацитети за откривање и соборување дронови, ниту брзи механизми за одговор на хибридни закани.
„Она што го гледаме е дека не сме технички подготвени. Немаме доволно системи за детекција, ниту ефикасни начини за уништување на дронови“, рече Кубилиус. Тој додаде дека реакцијата на ЕУ останува „недоволна“ во однос на новиот облик на војување.
