Што бара името на Путин во „Епстин фајловите“

Новите документи од американското Министерство за правда отвораат прашања за контактите на Џефри Епстин со руски функционери и обидите за пристап до Владимир Путин, без докази дека средба навистина се случила.

Нов пакет документи поврзани со случајот Џефри Епстин повторно го отвори прашањето за неговите меѓународни контакти и можните врски со Русија. Во фајловите, објавени од американското Министерство за правда и анализирани од The Washington Post, се појавува и името на Владимир Путин, што веднаш предизвика глобално внимание. Документите, сепак, не содржат доказ дека меѓу рускиот претседател и Епстин имало директна средба или комуникација.

Според објавените податоци, кореспонденцијата во таканаречените „Епстин фајлови“ покажува дека руски државни функционери и бизнис-актери во одреден период одржувале контакти со Џефри Епстин, финансиер и осуден сексуален престапник. Во документите се наведува дека Епстин, во текот на 2010-тите години, повеќепати се обидувал преку посредници да организира приватна средба со Путин.

Името на рускиот претседател, според The Washington Post, се појавува повеќе од илјада пати во материјалите, но најголем дел од тие спомнувања се од медиумски исечоци што самиот Епстин ги архивирал, а не од директна комуникација. Сепак, приватните мејлови укажуваат на континуирани обиди да се воспостави контакт со Кремљ, меѓу другото и преку поранешниот норвешки премиер Торбјорн Јагланд.

Во еден мејл од 2013 година до поранешниот израелски премиер Ехуд Барак, Епстин тврдел дека бил поканет на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербур, настан на кој редовно присуствува Путин, но дека одбил поради условот за „вистинско време и приватност“.

Посебно внимание привлекуваат и контактите со Сергеј Белјаков, поранешен кадар на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) и висок економски функционер. Документите покажуваат дека Белјаков одржувал блиски односи со Епстин од 2014 до 2018 година, со размена на пријателски пораки и покани, како и посредување со западни јавни личности и бизнисмени.

Во една порака од 2015 година, Епстин дури барал помош од Белјаков околу, како што ја опишал, „девојка од Москва“ која наводно се обидувала да уценува влијателни бизнисмени во Њујорк, дел што дополнително ги засилува сомнежите дека неговата мрежа функционирала и како алатка за собирање компромитирачки материјали.

Откритијата веќе предизвикаа политички реакции. Полска најави отворање истрага за можни врски меѓу Епстин и руските разузнавачки структури, при што премиерот Доналд Туск предупреди дека скандалот можеби бил „координиран“ од безбедносни служби. Иако овие тврдења остануваат непотврдени, тие се вклопуваат во долгогодишните предупредувања за користење уцени и компромитирачки информации како инструмент на влијание во меѓународната политика.

Од Кремљ реагираа со отфрлање на наводите, оценувајќи ги како несериозни. Во објавените документи, засега, нема докази за директна вмешаност на Владимир Путин, но самото појавување на неговото име во фајловите повторно го отвора прашањето колку длабоки и недокументирани биле мрежите околу Џефри Епстин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни