Општините Пустец и Кичево воспоставија официјално збратимување, со цел зајакнување на соработката и пријателските односи меѓу двете заедници.
Градоначалниците Пали Колефски и Александар Јовановски истакнаа дека ова претставува важен чекор кон создавање трајни партнерства, базирани на заедничка историја, меѓусебна почит и желба за заеднички напредок.
Тие нагласија дека договорот ќе овозможи размена на искуства, институционална поддршка и реализација на заеднички иницијативи во различни области.
Посебен акцент беше ставен на развојот на образованието, културата, туризмот и поврзувањето на граѓаните од двете општини.
Во рамки на посетата, делегацијата ги посети училиштето „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“, црквата „Св. Архангел Михаил“ во центарот на Пустец, како и музејот на писателот Стерјо Спасе во селото Глобочани.
Во делегацијата од Кичево, покрај градоначалникот Јовановски, присуствуваа и пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, заменик-министерот за јавна администрација Лазе Јакимоски, како и претставници од граѓанскиот сектор, меѓу кои и членови на здружението „Зошто“, кое ги обединува Македонците по потекло од Албанија.
Збратимувањето испраќа порака за зајакнување на добрососедските односи и отвора нови можности за регионална соработка.