Апелациониот суд во Нови Сад донесе одлука за укинување на притворот за уште петмина осомничени поврзани со трагедијата на железничката станица во овој град, при што животот го загубија 16 лица по уривањето на бетонска настрешница. Тие ќе бидат во домашен притвор во времетраење од три месеци.
Со оваа судска одлука, ниту еден од вкупно 13-те лица кои беа приведени по трагедијата повеќе не е во ефективен притвор.
Обвинението поднесено од Вишото јавно обвинителство на 30 декември минатата година беше вратено во април од Вишиот суд во Нови Сад на дополнување, со образложение дека „предметот бара подетално разјаснување за суштината на случајот“. Истражната постапка продолжува.
Покрај тоа, постапка води и Вишото јавно обвинителство во Белград, кое уште на почетокот на март поднесе обвинение за сериозни пропусти во изведбата и надзорот на објектот.
Реконструираната зграда на железничката станица беше свечено отворена само четири месеци пред несреќата, со тврдење дека „ги надминува европските стандарди“. Трагедијата предизвика бран незадоволство и масовни протести низ Србија, со барања за политичка и институционална одговорност за загубените животи.