На аеродромот „Фиумичино” во Рим изградена е и пуштена во работа најголемата соларна електрана за самопотрошувачка на аеродромите во Европа, која е воедно и втора по големина во светот.
Соларната електрана се простира на 2,5 км долж источната страна на писта три, содржи околу 55.000 панели од монокристален силициум со капацитет од 22 MWp. Ќе генерира повеќе од 30 милиони kWh годишно, со што ќе се намали емисијата на CO₂ за повеќе од 11.000 тони, пренесува Енергетскиот портал.
Со инсталација на дополнителни соларни панели во наредните пет години планираат да достигнат капацитет од 60 MWp. Овој капацитет би бил доволен да ги задоволи годишните енергетски потреби на 30.000 италијански домаќинства за цела година или да наполни целосно повеќе од милион електрични возила.
Целиот проект чини околу 50 милиони евра, а дел е од портфолиото на иницијативи за генерација на обновлива енергија и одржлива мобилност со финансиски обврски кои надминуваат 200 милиони евра.
Покрај намалувањето на употребата на фосилни горива за енергетските потреби на операциите на аеродромот, новиот проект ќе ја подобри и енергетската независност и отпорноста на пазарните промени.
„Лансирањето на новата соларна фарма ја засилува нашата посветеност на зелена транзиција и декарбонизација, со инфраструктура која е уникатна на меѓународната аеродромска сцена. Енергетската независност која овој нов проект ја овозможува за нашиот аеродром со пет ѕвездички значително ќе го намали влијанието на нашите операции врз животната средина, согласно со моделот на одржлив развој кој го градиме веќе години – модел кој претставува прв и основен предуслов за растот на аеродромот, регионот и целата земја“, изјави Марко Тронконе, извршен директор на аеродромот.
На отворањето на најголемата фотонапонска електрана за самопотрошувачка присуствуваа бројни официјални лица од Италија кои истакнаа дека ова е пример за помирување на воздушниот сообраќај и животната средина.