Околу 4.000 луѓе годишно во Северна Македонија го губат животот како последица од пушењето, а најзагрижувачки е фактот што најголем дел од корисниците на тутун и никотински производи започнуваат уште во малолетна возраст. Ова беа клучните предупредувања што произлегоа од јавната расправа за заштита на децата и младите од штетните ефекти на пушењето, одржана во рамки на Парламентарната комисија за здравство.
Расправавата го отвори прашањето за итната потреба од зајакнување и доследна примена на Законот за заштита од пушење, особено во услови кога никотинските производи, вклучително и електронските цигари, стануваат сè подостапни и поатрактивни за младите. Податоците што беа презентирани укажуваат дека седум од десет корисници на тутун започнуваат со пушење како малолетници, со што уште во рана возраст се создаваат доживотни зависности со висока смртност.
„Втор аспект кој е многу важен е дека пасивното пушење, не зборуваме за конвенционалното пушење, тоа е расчистено, исто така е сигнификантно асоцирано со последици, бидејќи тој чад, тие аеросоли од електронските цигари содржат ултрафини партикли, никотин во непредвилива концентрација, тешки метали, токсични алдехиди и нема дилема дека не смееме да бидеме жртви на правото на некој да пуши електронски цигари, а да го загрозува здравјето пред сѐ на младата популација, меѓутоа и на сите останати. Најверојатно во овој процес пред се здравствени авторитети ќе бидат под голем притисок. Владата ќе биде под голем притисок. Влоговите се огромни, таа индустрија е многу силна. Бизнис заедницата која ја поддржува таа индустрија е многу влијателна и кај здравствените авторитети и во Владата и во Парламентот. Треба да им дадеме голема поддршка во овој нивен, би рекол, многу херојски чин и акт да го поминат и спроведат овој закон“,нагласи кардиологот д-р Сашко Кедев.
Во текот на расправата беше нагласено дека пушењето не претставува само индивидуален здравствен ризик, туку и сериозен системски проблем. Трошоците за лекување на болести поврзани со тутунот, загубите во продуктивноста и долгорочниот притисок врз здравствениот систем создаваат ризик по одржливоста на јавното здравство и економијата. Според изнесените податоци, значителен дел од буџетските средства се трошат за последици кои во најголем дел се превентабилни.
Посебен акцент беше ставен на фактот дека изложеноста на никотин во детска и адолесцентна возраст го зголемува ризикот од хронични заболувања, кардиоваскуларни проблеми и намален професионален и когнитивен потенцијал. Овие ефекти не се ограничени само на активните пушачи, туку сериозно ги погодуваат и децата и младите кои се изложени на пасивно пушење во домовите и јавните простори.
Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Северна Македонија предупреди дека не постои безбедно ниво на изложеност на тутунски чад. Според СЗО, децата и непушачите немаат избор, но во пракса се изложени на чад во кафулиња, ресторани, училишни средини, автомобили и дури во дел од здравствените установи. Ова, како што беше нагласено, не е прашање на лична слобода, туку на заштита на јавното здравје и основното право на здрава животна средина.
Дополнително беше посочено дека пасивното пушење и аеросолите од електронските цигари содржат никотин, ултрафини честички, тешки метали и други токсични супстанци, кои можат да предизвикаат воспалителни процеси, зголемена активација на тромбоцитите и повисок ризик од срцев и мозочен удар – дури и при краткотрајна изложеност.
Загрижувачки се и податоците дека употребата на електронски цигари кај младите е во пораст, што дополнително го комплицира проблемот и ја наметнува потребата од сеопфатна регулација на сите никотински производи. И покрај постојната законска забрана за продажба на цигари на малолетници и ограничувањата за пушење во затворени јавни простори, праксата покажува сериозни пропусти во спроведувањето.
Од здравствен аспект, беше нагласено дека контролата на тутунот претставува една од најисплатливите јавни политики за превенција, особено кога станува збор за кардиоваскуларните заболувања, кои се меѓу водечките причини за смртност во земјата. Сеопфатни закони за средини без чад, строга регулација, ефективна контрола и достапни програми за откажување од пушење се посочени како неопходни чекори за заштита на јавното здравје.
Во тој контекст, јавната расправа испрати јасна порака дека заштитата на децата и младите од никотин не смее да се одложува. Станува збор за прашање од јавен интерес и долгорочна инвестиција во здравјето, човечкиот капитал и иднината на општеството.
