Драматични сведоштва за хаосот и борбата за спас изнесоа преживеаните на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“, една од најтешките трагедии во поновата историја.
На денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“, сведоците ги опишаа моментите на паника и очај што настанале веднаш по избувнувањето на огнот.
Сведокот Мартин Димитров раскажа дека пожарот започнал околу 2:30 часот по полноќ и дека ситуацијата за неколку секунди излегла од контрола.
„Ја фатив девојка ми и ја истуркав заедно со другарка ѝ. На масата остана една девојка, не сакаше да излезе, и јас и нејзиниот дечко ја фативме за раката. Се истуркавме до излезот, каде што се заглавивме малку, и ако подзадоцневме 8-12 секунди, немаше да излеземе. Надвор беше хаос и имаше многу луѓе. Додека бев на првата скала, се свртев назад и сѐ беше темно, почнаа да пукаат светилките“, рече Димитров.
Тој посочи дека починатиот фотограф Александар Ѓорѓиев се обидувал да го изгасне пожарот, фрлајќи вода кон пламенот. Според неговото сведочење, во објектот немало противпожарни апарати или хидранти, освен означен излез над единствената врата.
Анастасија Илиева, која исто така била присутна, сведочеше дека пожарот избувнал кратко по почетокот на настапот.
„Околу 2 часот почна настапот на групата ДНК, а половина час подоцна се вклучија пиротехничките средства. Мислевме дека е нешто мало, но потоа настана стампедо“, рече Илиева.
Таа додаде дека изгубила свест во хаосот и била извлечена преку отвор направен во ѕидот.
Друг сведок изјави дека огнот за помалку од 30 секунди се проширил по целиот плафон, предизвикувајќи масовна паника. Тој бил спасен од лице од обезбедувањето и пожарникар, откако врз него паднала ПВЦ-врата заедно со уште неколку лица.
Сведочењата потврдуваат и присуство на малолетници во дискотеката во моментот на несреќата.
Судењето продолжува во фаза на доказна постапка пред судијката Дијана Груевска-Илиевски, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот, кој се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.