Сите обвинети за пожарот во „Пулс“ се изјаснија дека не чувствуваат вина

На денешното рочиште за трагичниот пожар во кочанскиот клуб „Пулс“, сите 35 обвинети физички лица и фирми, категорично одбија одговорност и упатија сочувство до семејствата на жртвите.

На денешното рочиште за еден од најтрагичните случаи во поновата историја на Кочани, сите 35 обвинети физички лица и трите правни лица се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела поврзани со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“. Трагедијата, во која животот го загубија десетици млади луѓе, ја остави јавноста во длабока болка, додека постапката пред судот продолжува со голем интерес и високи очекувања за правна разрешница.

Правните експерти кои го следат процесот коментираат дека инцидентот со пронајдените телефони отвора ново прашање – дали е можно постоење на паралелни канали на комуникација меѓу дел од обвинетите и надворешни лица, што би можело да влијае врз нивните искази, стратегиите на одбрана или сведочењата што следат. Во вакви комплексни случаи, велат тие, секое нарушување на затворските правила може да ја поткопа довербата во правичноста на постапката и да создаде дополнителни сомнежи околу транспарентноста. Затоа, судот мора внимателно да го следи однесувањето на сите обвинети додека трае процесот, бидејќи јавноста очекува не само пресуда, туку и гаранција дека истрагата ќе се спроведе без обиди за влијание, притисоци или прикривање на клучни информации.

Речиси сите обвинети, наведувајќи дека не чувствуваат вина, упатија искрено сочувство до семејствата на загинатите и посакаа што побзо закрепнување на повредените. Некои од нив со тешки емоции опишаа дека и самите изгубиле блиски или учествувале во спасувањето на луѓе во критичните мигови.

Првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на „Пулс“, изјави дека ја разбира содржината на обвинението, но останува на ставот дека не е виновен: „Знам за што сум обвинет, но не се чувствувам виновен за делата што ми се ставаат на товар.“

Неговиот син, Михаил Јованов, исто така не ја призна вината. Братот на сопственикот, Тодор Јованов, посочи дека е родител на повредено дете и оцени дека нема никаква одговорност.

Една од обвинетите, Милка Едровска, со солзи во очите го опиша своето сочувство кон семејствата, додавајќи: „Ја знам нивната болка“.

Огњан Георгиев истакна дека не знае зошто воопшто се најде на обвинителна клупа: „Пензионер сум. Ако имам некакво дело, тоа е одамна застарено. Тука сум само за број.“

Меѓу обвинетите се и тројца поранешни градоначалници на Кочани. Ратко Димитров и Николчо Илиев кратко изјавија дека не се виновни, додека Љупчо Папазов рече дека обвинението е „конструирано“ и дека е присутна селективност.

Низа други обвинети вклучувајќи лица од обезбедувањето, техничко лице, претставници на институции и поранешни директори, потврдија дека не се чувствуваат виновни, истакнувајќи дека дел од нив учествувале во спасувачките активности: „Ние го ризикувавме животот да спасиме што е можно повеќе луѓе,“ изјави Мартин Ѓорѓиев.

Во судницата зборуваше и ексдиректорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути, кој оцени дека обвинението е правно неосновано и политички мотивирано. Слично се изјаснија и поранешните министри за економија Ваљон Сараќини и Крешник Бектеши.

Обвинението не го признаа ниту правните лица „ММММ Кафе“ ДООЕЛ, „Рубикон секјурити“ и „Венци проект“, кои тврдат дека немаат дејствија што ги поврзуваат со трагедијата.

По завршувањето на изјаснувањето за вина, рочиштето продолжи со воведни говори на одбраната. Судењето, кое се следи со огромен интерес, ќе треба да даде одговор на едно од најболни прашања за кочанската и македонската јавност – како било можно да дојде до оваа катастрофа и кој ја носи правната, институционалната и моралната одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни