Пукотници кон американскиот конзулат во Торонто – полицијата трага по напаѓачот

Неколку истрели биле испукани кон зградата на американскиот конзулат во Торонто. Нема повредени, а канадската полиција трага по напаѓачот и го истражува инцидентот.

Канадската полиција соопшти дека истражува инцидент во кој биле испукани неколку куршуми кон зградата на конзулатот на Соединетите Американски Држави во центарот на Торонто.

Според првичните информации, полицијата реагирала по пријава дека непознато лице пукало со огнено оружје кон зградата на конзулатот. Засега нема информации за повредени лица, пренесува агенцијата АП.

Напаѓачот сè уште не е идентификуван, а мотивите за нападот не се познати.

„Пронајдени се докази дека било пукано од огнено оружје. Пукањето што се случи рано утринава во близина на американскиот конзулат е апсолутно неприфатлив чин на насилство и заплашување насочен кон нашите американски пријатели и соседи“, напиша на социјалните мрежи премиерот на канадската провинција Онтарио, Даг Форд.

Тој додаде дека сите нивоа на власт во Канада мора јасно да порачаат дека постои „нулта толеранција“ за ваков вид опасно и заплашувачко однесување.

Полицијата во Торонто во моментов спроведува истрага и ги прегледува доказите од местото на настанот, а безбедносните мерки околу дипломатските објекти се засилени.

Инцидентот доаѓа по серија напади во градот. Минатиот викенд, две синагоги во Торонто исто така биле погодени со огнено оружје.

Градоначалничката на Торонто, Оливија Чоу, изјави дека ваквите напади не смеат да се толерираат и дека еврејската заедница има право да ја практикува својата вера и култура без страв.

„Пукањето кон американскиот конзулат доаѓа по нападите врз синагогите. Тоа е недозволиво. Еврејската заедница во Торонто има право да живее и да функционира без заплашување и насилство“, изјави Чоу.

Таа потврди дека полицијата обезбедува засилено присуство и околу американскиот и околу израелскиот конзулат во Торонто.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни