Навиката на „крцкање“ на зглобовите, најчесто од прстите, е многу честа појава кај луѓето. Некои тоа го прават „несвесно“, за да се ослободат од напнатоста, а други, пак, поради нервоза. И првите и вторите поради ваквата навика можат да имаат сериозни здравствени последици. Експертите предупредуваат дека „крцкањето“ на зглобовите може да предизвика артритис.
При „крцкање“ на прстите, се ослободува насобран гас во синовијалната течност којашто ги подмачкува зглобовите. Оваа течност содржи кислород, азот и јаглерод диоксид. Со истегнување или свиткување на спојот од зглобовите се создава вакуум што предизвикува создавање меурчиња од гас кои го создаваат тој карактеристичен звук на „крцкање“. Кај некои луѓе, поради оваа навика може да се развие зголемена чувствителност на болка во рацете или во друг дел од телото поради постојаното оштетување на зглобовите предизвикано од оваа навика, пишува босанскиот портал „Кликс“.
Иако тоа „пукање“ не е нужно штетно ако е поретко, и не предизвикува веднаш болка, честопати води до долгорочни и долготрајни проблеми со зглобовите и мускулите.
Имено, тоа крцкање може да доведе до хронично воспаление на зглобовите. Честото повторување на оваа навика, може да го иритира ткивото. Тоа ги ослабува мускулите и лигаментите околу зглобот, затоа што долгорочно ја менува природната биомеханика на прстот. И, тоа влијае на неговата стабилност.
Постојаното оптоварување на зглобовите, исто така, може да го зголеми ризикот од повреди, исчашување или истегнување. Ослабените зглобови се поподложни на оштетување во секојдневните работи.
Иако не постојат убедливи докази коишто директно го поврзуваат крцкањето на зглобовите со артритисот, некои доктори веруваат дека прекумерното „пукање“ на прстите може да придонесе за „трошење“, па и кинење на зглобовите со текот на времето.