Во германскиот град Гисен, денес попладне се случи пукање, при што, според првичните информации, се повредени три лица. Инцидентот се случил околу 15:10 часот во една спортска обложувалница на плоштадот Марктплац, а напаѓачот е во бегство, пренесува Bild.
Од локалната полиција потврдија дека нема опасност за граѓаните, и покрај тоа што осомничениот сè уште не е уапсен.
Голема полициска акција
Полицијата веднаш по дојавата ги блокирала сите пристапи до плоштадот, а на теренот се распоредени голем број полициски сили. Засега не е позната позадината на нападот.
Иако сè уште се утврдува степенот на повредите, портпаролот на полицијата изјави дека нема загинати.
„Нема мртви. Во моментот не можам да кажам ништо за сериозноста на повредите“, изјави тој.
Според неофицијални информации, во нападот било употребено огнено оружје, најверојатно пиштол или револвер. Потрагата по напаѓачот е во тек, додаде портпаролот, истакнувајќи дека на теренот се присутни бројни полициски екипи.