Пукање било пријавено утрово во близина на американскиот конзулат во Торонто, соопшти локалната полиција, додавајќи дека нема повредени лица.
Полицијата реагирала на дојава за пукање околу 5:30 часот по локално време. По пристигнувањето на местото на настанот, службениците пронашле докази дека било употребено огнено оружје, пренесува Ројтерс.
Од американскиот конзулат во Торонто и од Стејт департментот засега нема официјален коментар за инцидентот.
Полицијата соопшти дека во моментов нема информации за можни осомничени и дека истрагата е во тек.
Инцидентот се случува само неколку дена откако импровизирана експлозивна направа експлодираше во близина на американската амбасада во Осло. Полицијата таму сè уште трага по осомничени и испитува дали постои поврзаност со американско-израелските напади врз Иран.
Во меѓувреме, во Њујорк, двајца мажи беа обвинети за тероризам откако фрлиле рачно изработена бомба врз учесници на антиисламски протест.