Птичјиот грип повторно ја става глобалната живинарска индустрија под притисок. Во Холандија, властите наредија уништување на околу 15.000 кокошки по потврден случај на високо патоген птичји грип, во време кога нови жаришта се појавуваат и во Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство. Здравствените служби предупредуваат дека миграцијата на дивите птици останува клучен фактор во ширењето на вирусот H5N1.
Холандското Министерство за земјоделство, рибарство, безбедност на храна и природа потврди дека на 1 февруари е регистриран случај на птичји грип на фарма за несилки во селото Дален, во покраината Дренте. Како превентивна мерка, наредено е уништување на приближно 15.000 кокошки и воведена е забрана за транспорт на живина и производи во радиус од 10 километри околу фармата.
Фармата се наоѓа на помалку од три километри од друга локација каде што уште во декември биле уништени 23.000 кокошки, по претходно откриено жариште на истиот вирус. Властите предупредуваат дека ризикот од нови инфекции останува висок.
Во САД, најтешко погодена е сојузната држава Канзас, каде што од почетокот на епидемијата се погодени повеќе од 414.000 птици. Според податоците на Министерството за земјоделство на САД, најголемиот дел од случаите се поврзани со една голема комерцијална фарма во округот Потаватоми, каде биле зафатени околу 380.000 птици. Дополнителни инфекции се потврдени и кај мали, домашни јата.
Слична состојба е регистрирана и во други делови на земјата. Во Џорџија, само во јануари се потврдени три случаи во комерцијални фарми, додека во Северна Каролина е регистриран деветтиот случај кај домашно јато од октомври наваму.
Птичјиот грип повторно се појави и во Обединетото Кралство. Министерството за животна средина, храна и рурални прашања потврди ново жариште на H5N1 во Северен Јоркшир, во близина на градот Јорк, што е трет ваков случај во регионот во последните месеци. Околу погодените фарми воспоставени се заштитни и надзорни зони од три, односно 10 километри.
Здравствените власти нагласуваат дека високо патогениот птичји грип претставува низок ризик за луѓето. Според податоците на Центарот за контрола и превенција на болести, од 2024 година наваму во САД се регистрирани 74 случаи кај луѓе и два смртни исходи, при што повеќето инфекции биле благи и не е забележано пренесување од човек на човек. Вирусот не се смета за закана за безбедноста на храната, бидејќи заразените птици не влегуваат во синџирот на исхрана.
