Според Институтот Фридрих Лефлер, од почетокот на септември се регистрирани повеќе од 30 жаришта на вирусот во живинарските фарми и над 130 случаи кај диви птици. Само во последните недели, повеќе од половина милион кокошки, патки, гуски и мисирки морале да бидат уништени за да се спречи понатамошното ширење.
Особено е погоден источниот дел на Германија и Долна Саксонија, каде заразата се шири со невообичаена брзина и уште пред сезоната на миграции. Институтот ја оцени ситуацијата како „висок ризик“, предупредувајќи дека миграторните птици би можеле дополнително да го влошат ширењето на вирусот во наредните недели.
Познатиот вирусолог Клаус Штёр, поранешен раководител на Програмата за грип на Светската здравствена организација, за германската агенција dpa изјави:
„Во принцип, вирусот H5N1 има сè што му е потребно за да предизвика пандемија.“
Тој, сепак, нагласува дека ризикот за луѓето засега е многу низок, но апелира на претпазливост:
„Доколку граѓаните наидат на мртви птици, не треба да ги допираат, туку да се оддалечат и да го известат локалното ветеринарно одделение.“
Оваа есен жеравите се особено погодени, а фотографиите на работници кои собираат мртви птици во северна Германија го илустрираат обемот на кризата.
Претседателот на Германската асоцијација за живинарска индустрија, Ханс-Петер Голдник, предупреди дека земјата се наоѓа во рана, но интензивна фаза на епидемијата, особено во фармите со слободен одглед.
„Политичарите мора веднаш да реагираат – чекањето не е опција,“ изјави тој, додавајќи дека можни се прекини во снабдувањето со јајца и живинарско месо.
Германското Министерство за земјоделство најави дека ќе побара од ЕУ зголемување на лимитот за компензација на земјоделците од 50 на 110 евра по животно.
Постојаниот комитет за имунизација (Stiko) препорачува вакцинација против сезонски грип за сите кои имаат контакт со живина, диви птици, свињи или морски животни. Целта е да се избегне двојна инфекција со грип и птичји грип, која може да доведе до создавање на нов, потенцијално опасен вид на вирус што би можел да се пренесува меѓу луѓето.
Според податоците на фармацевтските здруженија, во текот на сезоната 2024/2025 биле вакцинирани околу 122.000 луѓе против грип, што е рекордно висока бројка.
Како што заклучува Штер:„Пандемиите не можат целосно да се спречат, но со добра подготовка, рана контрола и глобална соработка можеме да ја намалиме нивната сила. Време е да се подготвиме – не да чекаме.“
Извор: Euronews