Експертите за храна и земјоделство од Обединетите нации издадоа предупредување за растечката криза со птичји грип поради широко распространетите инфекции на живината и преносот на вирусот на луѓето и животните ширум светот.
Официјални лица од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) им посочија на земјите-членки дека, додека се шири птичјиот грип познат како Х5Н1, потребно е подобро да ги следат болестите, да воведат биосигурни мерки и контрола на епидемијата за борба против ризиците.
Птичјиот грип во последниве години е широко распространет кај дивите птици ширум светот, но скокот на вирусот од птици на цицачи, вклучително и големата епидемија кај млечните говеда во САД од минатата година, предизвика загриженост кај експертите за јавно здравје и безбедност на храната.
Ширењето на вирусот меѓу птиците „доведува до сериозни влијанија врз безбедноста на храната и снабдувањето со храна во земјите, вклучително и губење на вредната исхрана, рурални работни места и приход, шокови за локалните економии и се разбира, зголемување на трошоците за потрошувачите“, рече заменик-генералниот директор на ФАО, Годфри Магвензи.

Според агенцијата на ОН, од 2021 година од вирусот се погодени најмалку 300 видови диви птици, додавајќи дека покрај подобриот надзор на болестите и мерките за биосигурност, владите треба „да ја разгледаат потенцијалната можност за вакцинација“ за да ги ограничат ризиците од птичјиот грип.
Освен живина и млечни говеда во САД, вирусот зарази и животни во зоолошките градини, мачки и диви животни ширум светот. Заразени се и неколку лица. САД во јануари го пријавија првиот смртен случај од птичји грип, а според американската здравствена агенција, од Х5Н1 се заболени 69 луѓе. Во Обединетото Кралство исто така во јануари, едно лице било заразено со различен вид на птичји грип откако било во контакт со заразени птици на фарма.

Засега нема докази за постојан пренос од човек на човек, а европските здравствени власти велат дека ризикот за јавноста останува низок. Сепак, европските научници идентификуваа 34 генетски мутации кои би можеле да го олеснат прилагодувањето и ширењето на Х5Н1 меѓу луѓето.
Во меѓувреме, во декември, Велика Британија соопшти дека складира пет милиони вакцини против птичји грип за луѓето во случај вирусот да еволуира до точка каде што може да ги инфицира луѓето и да предизвика пандемија.
Бет Бечдол, од ФАО, им порача на земјите дека ќе биде потребна меѓународна соработка за да се ограничи вирусот и да се ограничат ризиците што ги носи за луѓето и снабдувањето со храна.
„Синџирот е силен колку и неговата најслаба алка“, рече Бечдол.