Менталното здравје сè почесто се споменува како приоритет, но за многу млади во Македонија пристапот до вистинска и навремена поддршка и натаму останува ограничен. Во приватниот сектор, една психолошка сесија најчесто чини меѓу 1.500 и 3.500 денари, што за студенти без сопствени приходи, за млади што живеат со минимална плата или за семејства што внимателно го планираат секој трошок претставува сериозен финансиски товар. Кога поддршката треба да биде редовна, месечниот износ лесно достигнува цена што за многумина е недостижна, па грижата за менталното здравје наместо право станува услуга што не секој може да си ја дозволи.
Во јавниот здравствен систем, сликата е поинаква, но не и едноставна. На Универзитетската клиника за психијатрија, психолошката и психијатриската поддршка оди преку матичен лекар, а закажувањата се одвиваат преку системот „Мој Термин“. Прегледите најчесто чинат околу 150 денари, што ја прави оваа услуга значително поевтина и подостапна за младите во споредба со приватните сесии. Поддршката може да биде индивидуална или со придружба, во зависност од потребата на пациентот, а на Клиниката постојат и болнички капацитети, како и дисперзирани амбуланти. Тоа значи дека помошта формално постои во системот и дека има институционален механизам преку кој млад човек може да стигне до стручно лице без да плати илјадници денари за една сесија.
Но ниту јавниот систем не е без ограничувања. Младите лица во амбулантите во рамки на Клиниката можат да добијат услуги и од психијатри и од психолози, но товарот врз кадарот останува сериозен, бидејќи дел од стручните лица во текот на еден ден работат со повеќе од 10 пациенти, а некогаш бројката достигнува и над 20. Во рамки на Клиниката функционираат и повеќе кабинети наменети за различни целни групи – од мајки со деца и бремени жени кои се соочуваат со психолошки потешкотии, до родители на деца со попреченост, лица кои се соочуваат со зависности, проблеми со спиењето и други состојби. Тоа покажува дека услугите постојат, но истовремено отвора и прашање дали системот има доволно капацитет, време и кадар за да одговори на растечките потреби на младите за квалитетна и континуирана поддршка.
Токму во таа разлика меѓу приватното и јавното здравство се гледа и суштината на проблемот. Од една страна, приватната поддршка е побрза и почесто полесно достапна, но за многумина финансиски недостижна. Од друга, јавниот систем е поевтин и формално поинклузивен, но често оптоварен и ограничен со капацитети. За младите што веќе се соочуваат со анксиозност, депресивни состојби, стрес или емоционална исцрпеност, оваа разлика не е само административна – таа директно влијае врз тоа дали навреме ќе добијат помош или ќе останат сами со проблемот.
Но проблемот не е само во цената или во бројот на достапни термини. Проблемот е и во тоа што младите не секогаш знаат каде да се обратат, каква помош постои, колку брзо може да ја добијат и дали таа ќе биде континуирана. И покрај постоењето на Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024–2026, која има цел да ја унапреди превенцијата, поддршката и квалитетот на услугите, праксата и натаму покажува дека институционалната рамка не секогаш значи и реално достапна помош за младите. Стратегијата поставува јасни цели за промоција на менталното здравје, намалување на ризиците и развој на подостапни услуги, но секојдневното искуство на младите често останува многу подалеку од тие заложби.
Главната противречност е во тоа што живееме во време кога општеството сè повеќе го промовира јазикот на разбирање, отворен разговор и грижа за менталното здравје. На социјалните мрежи, во кампањи, во јавни настапи и во образовни содржини сè почесто се повторува пораката дека е во ред да не си во ред. Но, кога на млад човек навистина ќе му затреба стручна поддршка, системот брзо станува нејасен: не е секогаш јасно каде да се побара помош, колку брзо може да се добие, дали е бесплатна, дали е доверлива и дали воопшто постои во близина. Токму во тој јаз меѓу пораката и реалноста се гледа колку е навистина достапна грижата за менталното здравје.
Поширокиот европски контекст покажува дека Македонија не е изолиран случај. Во Европската Унија, речиси секој втор млад човек пријавува незадоволени потреби кога станува збор за ментално-здравствена грижа, а УНИЦЕФ проценува дека околу 11,2 милиони деца и млади до 19 години во ЕУ живеат со ментална состојба. На ниво на европскиот регион на Светската здравствена организација, едно од седум деца и адолесценти живее со ментална состојба, додека услугите не успеваат да го следат растот на потребите. Овие податоци покажуваат дека темата одамна не е маргинална, туку централно прашање на јавното здравје и социјалната политика.
Домашните податоци, пак, покажуваат дека потребата за помош постои, но не секогаш се претвора во реален пристап до услуга. Истражување на УНИЦЕФ во Македонија покажува дека 7,7 проценти од анкетираните адолесценти изјавиле дека имале потреба од ментално-здравствени услуги, но повеќе од половина од оние на кои им била потребна помош не ја побарале. Тоа укажува дека бариерата не е само финансиска. Таа е и информативна, и културна, и институционална. Дел од младите не знаат кому да се обратат. Дел не се сигурни дали нивниот проблем е доволно сериозен за стручна помош. Дел се плашат од стигма. Дел едноставно не можат да си дозволат приватна поддршка.
Паралелно со тоа, сè почесто се слушаат зборовите анксиозност, депресија, паничен напад и прегорување. Овие термини влегуваат во секојдневниот говор на младите, но не секогаш со јасна разлика меѓу моментална емоционална состојба, тежок период и клиничка состојба што бара стручна интервенција. Проблемот не е што младите почнале повеќе да зборуваат за менталното здравје. Проблемот е што разговорот не секогаш води кон вистинска, достапна и навремена поддршка.
Како што посочува Институтот за јавно здравје, истражувањата спроведени по пандемијата со КОВИД-19 покажуваат дека младите се особено ранлива група, при што речиси секој трет адолесцент пријавил симптоми на депресија или анксиозност. Ова е податок што јасно упатува на долготрајни психолошки последици од здравствени и социјални кризи.
ИЈЗ предупредува и дека, и покрај одреден напредок, пристапот до услуги за ментално здравје и натаму останува ограничен и недоволен, особено во руралните средини, каде што здравствените установи се соочуваат со недостиг на стручен кадар и нерамномерна распределба на ресурсите. Затоа, решението не е само во препознавање на проблемот, туку и во системски одговор: јакнење на превенцијата, развивање мобилни тимови, воведување услуги за ментално здравје на далечина, како и вклучување на ова прашање во сите јавни политики – од образованието и трудот, до социјалната и младинската заштита. ИЈЗ јасно посочува дека без поголеми буџетски вложувања, континуирана едукација на стручниот кадар и јавни кампањи за намалување на стигмата, грижата за менталното здравје ќе остане повеќе декларативен приоритет отколку реално достапна поддршка.
Тука се отвора и уште едно важно прашање: дали училиштата и факултетите имаат реални механизми за помош, или само формална обврска да покажат дека темата постои? Во стратегијата се зборува за меѓусекторски пристап, за програми, за координација и за услуги што треба да бидат подостапни и поквалитетни. Но младите најчесто не живеат во стратегиски документи, туку во домови, студентски соби, автобуси, амфитеатри и работни места каде стресот е секојдневен, а помошта често е далечна. За некој што веќе се двоуми дали воопшто има право да побара помош, секоја дополнителна пречка значи уште едно оттурнување назад.
Затоа главното прашање не е само колку чини една сесија. Прашањето е колку е достапна грижата за менталното здравје за младите во Македонија. Колку е блиску до нив кога им е најпотребна. Колку е јасен патот до стручна помош. Колку системот може да одговори навреме, без преголем трошок, без стигма и без дополнителен товар врз оние што веќе се обидуваат да издржат. Додека одговорот на тие прашања останува несигурен, менталното здравје ќе продолжи да биде тема за јавна свесност, но не и доволно достапна поддршка за сите.