Првпат жена на чело на MI6? Фаворит е поранешна амбасадорка во Кина

Британската тајна служба MI6 би можела за првпат во историјата да добие жена на своето чело. Фаворит за оваа престижна позиција е Барбара Вудворд – поранешна амбасадорка во Кина и актуелна претставничка на Обединетото Кралство во Обединетите нации.

Иако никогаш не работела директно во разузнавачките служби, Вудворд се смета за водечки кандидат. Според британскиот весник Times, уште две жени се меѓу главните кандидати – двете активни припаднички на MI6, чии имиња не смеат да се објават поради безбедносни причини.

Сегашниот директор на MI6, сер Ричард Мур, најави повлекување наесен по пет години служба.

Изборот на Вудворд предизвика поделени мислења во јавноста. Нејзините критичари сметаат дека е премногу благонаклонета кон Кина – посебно загрижува фактот што Кина во моментов се поврзува со агресивни шпионски активности во Велика Британија. Спорен е и нејзиниот став изразен во интервју за Global Times, каде изјавила дека независноста на Тајван „не е опција“.

Сепак, нејзините поддржувачи потенцираат дека Вудворд е највисоко рангирана жена во британското Министерство за надворешни работи и дека долгогодишното искуство во Пекинг ѝ дава исклучителна перспектива за глобалните безбедносни предизвици.

За потсетување, MI5 – контраразузнавачката служба – досега двапати била предводена од жени: Дејм Стела Римингтон (1992) и Елајза Менингем-Булер (2002–2007).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни