Првото јапонско слетување на Месечината заврши неуспешно

Иако долго најавувано сепак на крајот заврши со неуспех. Првото приватно слетување на Месечината не успеа, откако јапонската стартап компанија изгуби контакт со својот лунарен лендер, како што објави Вашингтон пост. Како што лендерот Хакуто-Р Мисија 1 се приближуваше до површината на Месечината, инженерите открија дека повеќе не можат да комуницираат со вселенското летало.

„Во моментов, немаме потврдена комуникација од лендерот“, рече извршниот директор на „Испејс“, Такеши Хакамада за време на преносот во живо на мисијата. „Значи, мора да претпоставиме дека не можевме да го завршиме слетувањето“.

Минатиот декември, „Испејс“ го лансираше својот лендер Хакуто-Р од Кејп Канаверал, Флорида на врвот на ракетата Фалкон 9 на SpaceX. Лендерот тргна на тримесечно патување за да стигне до орбитата на Месечината пред да треба да ја допре нејзината површината, во вторник. Се чинеше дека работите одат како што беше планирано. Сепак инженерите не добија одговор од вселенското летало по неговото очекувано слетување на Месечината во 12:40 часот по средноевропско време.

„Нашите инженери и специјалисти моментално работат на потврдување на моменталниот статус на лендерот“, изјавија од „Испејс“ по преносот во живо. „Дополнителни информации за статусот на лендерот ќе бидат објавени кога ќе станат достапни“.

Хакуто-Р носеше два лунарни ровера: еден со четири тркала од Обединетите Арапски Емирати и мини ровер во стилот на „Војна на ѕвездите“, направен од Сони и јапонската компанија за играчки Томи. Додека јапонските национални вселенски агенции допрва треба да се обидат да слетуваат на Месечината, нивната прва лунарна мисија се случи во 1990 година, кога вселенското летало Хитен ја обиколи Месечината додека снимаше податоци за космичката прашина.

За потсетување, Аполо 11 е првата вселенска мисија што испратила луѓе на Месечината. Тоа го сторила НАСА, американската вселенска агенција. Стигнале во вселената на 16 јули 1969 година, носејќи тројца астронаути: Нил Армстронг (командантот), Баз Олдрин (пилотот на месечевиот модул) и Мајкл Колинс (пилотот на командниот модул). На 20 јули 1969 година, Армстронг и Олдрин станале првите луѓе кои слетале на Месечината, додека Колинс останал во орбитата околу Месечината.

Летот бил дел од Вселенската трка во Студената војна против Советскиот Сојуз. Го завршил планот поставен од Џон Ф. Кенеди во 1961 година да „слета човек на Месечината и да го врати безбедно на Земјата“, пред да завршеле 1960-тите.

Извор: theverge.com

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни