Отворање на QUEER програмата на ППЖ13 со изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот“

Во КСП Центар Јадро вечерва започнува есенското издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО, со изложбата на ЛГБТИК+ архивата „Аркадија“ од Србија.

Вечерва, 30 октомври, во КСП Центар Јадро ќе се одржи отворањето на QUEER програмата на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО #ППЖ13, со изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот“ на ЛГБТИК+ архивата „Аркадија“ од Србија. Настанот претставува прв сегмент од фестивалската квир програма.

Изложбата го афирмира богатото наследство на Лезбејската недела — еден од најзначајните собири на лезбејки, бисексуални и квир жени на Балканот од средината на 1990-тите. Во време на политички турбуленции и општествена невидливост, овие собири создадоа простори на храброст, заедништво и отпор, кои со текот на годините прераснаа во важна транснационална платформа за активизам, поврзување и културно творештво.

Преку архивски материјали, фотографии и документи, изложбата ѝ оддава почит на генерацијата која го отвори патот на лезбејскиот и квир активизам во регионот, но и повикува на рефлексија за идните насоки на солидарност и феминистичко делување.

По отворањето, ќе се одржи трансгенерациски разговор на тема „Мапирање на лезбејскиот активизам, неговите почетоци и трансформации кај нас и во регионот*“. Разговорот ќе го води Дони, а учесници ќе бидат Ирена Цветковиќ, Јелена Васиљевиќ, Елена Петровска и Лаки. Темата ќе ги поврзе историските искуства, вклучително и делувањето на првата македонска лезбејско-феминистичка група „ЛезФем“, со современите практики во квир и трансфеминистичките движења.

Настанот започнува во 20:00 часот во КСП Центар Јадро, со влез слободен.

QUEER програмата на ПРВО ПА ЖЕНСКО продолжува на 1 ноември и завршува на 15 ноември, со низа дополнителни настани посветени на квир културата, активизмот и уметноста.

„Добредојдени сте да споделиме простор, да се поврземе и да замислиме нови хоризонти на феминистичка и квир солидарност,“ порачаа организаторките.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни