Прво одбележување на Денот на европските автори со Стефан Марковски, Санде Стојчевски и Марина Мијаковска

Македонските писатели и поети Стефан Марковски, Санде Стојчевски и Марина Мијаковска ќе учествуваат во првото одбележување на Денот на европските автори на 25-ти март, кое годинава ќе се случи во 40 земји кои се дел од програмата „Креативна Европа“.

Денот на европските автори го организира најголемата европска писателска федерација –
Европскиот писателски совет.
Во склоп на одбележувањето се предвидени литературни читања, предавања и книжевни
разговори во средните училишта ширум Европа.

Марковски, Стојчевски и Мијаковска ќе го одбележат Денот на европските автори во
средните училишта СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија и СУГС Гимназија „Раде
Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, во присуство на ученици и нивни професори по
македонски јазик и литература.

Годинава по вторпат се одбележува Европскиот ден на авторите. Откако минатата година за првпат овој празник се одбележа два дена подоцна, на 27-ми март и тоа единствено во земјите-членки на ЕУ, годинава истиот зазеде поширока димензија и се одбележува во сите земји кои учествуваат во програмата „Креативна Европа“. Програмата за овогодишното издание вклучува 3 елементи, а повеќе информации за тоа се достапни на официјалниот веб-сајт: https://culture.ec.europa.eu/cultural-and-creative-sectors/books-and-publishing/day-of-european-authors. Учесниците, пак, во одбележувањето на вториот од овие три програмски делови, се објавени на веб-сајтот на Европскиот писателски совет: https://europeanwriterscouncil.eu/2403doea/, европската федерација на писателски асоцијации, која е и организатор на настанот.

„Во склоп на одбележувањето е предвидена и конференција во Брисел во врска со промоцијата и популаризацијата на читањето и читателската култура, која воедно има за цел да ја подобри функционалната врска меѓу различните културни и образовни институции (училиштата, универзитетите и библиотеките) од една страна, и читателите од друга. Се надевам дека во иднина, во европски рамки, но и кај нас, акцентот на ова одбележување повеќе ќе падне врз неговата меѓународна димензија, вклучувајќи ги и гостувањата на македонските автори во странство“, вели Стефан Марковски, еден од учесниците.

Во рамки на одбележувањето македонските писатели ќе читаат извадоци од своите дела
„Светлината во нашите вени“ (Марковски), „Нè чека пат“ (Стојчевски), како и „Коскена“,
„Постела на тишината“ и „Тиркиз во лето“ (Мијаковска).
Инаку, Друштвото на писателите на Македонија е член на Европскиот писателски совет
од минатата година.

Најново

Последни колумни