Со ова ќе се утврди колку дополнителни средства ќе бидат потребни за завршување на чистењето. Исклучително е важно да се направи оваа анализа пред да продолжат работите на терен, бидејќи досегашните резултати покажаа дека во веќе исчистените базени имало околу 25 отсто повеќе линдан од првично проценетите количини, пишува „Мета.мк“.
Според првичните анализи, малата депонија содржи пет бетонски базени со вкупна површина од околу 1.250 квадратни метри и волумен од 1.212 кубни метри. Проценето е дека таму има околу 1.601 тон HCH отпад, 4.060 тони контаминирана почва и околу 1.000 тони бетон. Секој од базените има приближно исти димензии – 30 x 4 x 2,5 метри. Досегашното расчистување покажа дека вистинските количини на отпад во првите три базени биле значително поголеми од првичните проценки.
До овој момент, со финансиска поддршка од Мултипартнерскиот фонд и државниот буџет, целосно се исчистени првите два базена, а работите на третиот се завршени околу 75 проценти. Очекувањата се дека со средства од Владата и во соработка со УНОПС, во наредниот период ќе се завршат преостанатите 25 отсто од третиот базен. Добиените податоци од новите анализи треба да покажат колку вкупно финансиски средства ќе бидат неопходни за конечно решавање на проблемот со малата депонија.
Паралелно со теренските активности, Министерството информира дека УНОПС работи на финализирање на тендерската постапка за избор на компанија што ќе продолжи со чистењето на оваа загадена локација. Очекувањата се дека работите ќе започнат во вториот квартал од годината. Досега, чистењето на базените го спроведуваше грчката компанија „Полиеко“, која беше избрана преку тендери за секој базен поединечно.
„По склучувањето на анекс на Договорот со Министерството за животна средина и просторно планирање во декември 2024 година, УНОПС започна постапка за ангажирање на квалификуван давател на услуги. По завршување на тендерските процедури, Министерството ќе биде информирано за исходот. Додека не заврши процесот, не може да се утврди дали досегашниот изведувач ќе остане ист или ќе има промени“, соопштуваат од Министерството.
Чистењето на линданот од ОХИС започна во септември 2021 година. Отстранетиот линдан беше транспортиран и уништен во постројката Треди во Франција, додека контаминираната почва беше испратена во Индавер во Германија. Во непосредна близина на малата депонија се наоѓа и големата депонија, за која се проценува дека содржи околу 50.000 тони линдан. Дополнително, локацијата Пеленица кај Драчево содржи околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан отпад.
Производството на линдан во ОХИС траело од 1964 до 1977 година, кога било прекинато од еколошки причини. Во овој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што довело до создавање на околу 25.000 тони неактивни изомери кои биле несоодветно складирани и претставуваат сериозен ризик за животната средина. Освен линданот, во ОХИС до неодамна беа складирани уште 64 тони други опасни хемикалии, кои во текот на изминатите две години беа транспортирани на уништување во различни европски земји.