Првиот снег предизвика хаос во Европа: Сообраќајни колони од по 500 километри, патиштата забрзано се расчистуваат

Белгија се разбуди под снежна покривка што предизвика огромни сообраќајни гужви долги повеќе од 500 км. Издадено е жолто предупредување, а службите интензивно ги расчистуваат патиштата и велосипедските патеки.

Првиот снег утрово предизвика вистински хаос во срцето на Европа: низ белгиските патишта се формираа огромни сообраќајни колони чие вкупно растојание околу 8 часот достигна повеќе од 500 километри, јавуваат бриселските медиуми.

Голем дел од Белгија се разбуди под снежен слој од неколку сантиметри, што предизвика значителни застои во сообраќајот и лизгави коловози. На возачите им се препорачува да бидат крајно внимателни.

Кралскиот метеоролошки институт (RMI) издаде жолто предупредување поради замрзнување на коловозите во Брисел, поголемиот дел од Фландрија и неколку валонски покраини.

Постојат услови и за дополнителни (зимски) врнежи во централните и западните делови од земјата. Локално може да се формира снежен слој од 1 до 5 сантиметри, иако се очекува истиот релативно брзо да се стопи.

Во Брисел веќе беше спроведена и првата превентивна акција за посипување со песок оваа зима, со цел да се обезбеди безбедност на учесниците во сообраќајот, соопшти организацијата Brussels Mobility.

Општинските служби од рано изутрина ги расчистуваат улиците, а според јавните претпријатија, за само околу 3,5 часа биле посипани 85 тони сол.

Паралелно се работи и на расчистување на велосипедските патеки за да се охрабрат граѓаните да продолжат да ги користат велосипедите и во зимски услови.

Сепак, најинтензивното расчистување се очекува попладнево — најпрво во северните делови на Белгија, а потоа и во останатите региони на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни