Првиот патувачки фестивал на македонски филм во Хрватска отворен и во градот Слатина

До крајот на септември, патувачкиот Фестивал на македонски филм  „Македонски филмски класици” ќе посети уште неколку градови во Франција

Во градот Слатина, Република Хрватска, на 9. септември, беше отворен првиот Фестивал на македонски филм во склоп на одбележувањето на Денот на македонската независност, 8. Септември. Настанот, чија цел е промоција на македонската кинематографија и јакнење на културните врски меѓу Македонија и Хрватска, се одржува во соработка со македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Кинотеката на Македонија и Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи со поддршка од македонското Министерство за култура и туризам.

Фестивалот, кој беше отворен и во Загреб ден претходно, е всушност осмислен како патувачки настан кој поврзува 13 хрватски градови со проекции на некои од најзначајните остварувања во македонската кинематографија.

На репертоарот во Слатина се документарниот „Филмскиот опус на браќата Манаки”, првата македонска комедија „Мирно лето” (1961) во режија на Димитрие Османли, „Тетовирање” (1991) на Столе Попов и „Прашина” (2001) на Милчо Манчевски.

Публиката во Слатина ја поздравија Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Бошко Грујоски, директор на Кинотеката на Македонија, претставниците на Кинотека, Бојан Станишиќ, Тихомир Кашмицоски и Александар Трајковски, Даниела Фабриц Фабијанац, претседателка на Управниот одбор на Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи. Фестивалот го отвори градоначалникодт на градот Слатина, Томо Томиќ.

Грујоски го истакна значењето на патувачкиот фестивал кој на публиката во Хрватска ѝ преставува четири долгометражни и четири краткометражни филма од режисери како Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Милчо Манчевски, Димитрие Османли и Митко Панов.

„Оваа иницијатива ја позиционира Македонија на широката филмска карта и ѝ отвора пат на новата културна размена меѓу двете држави. Се надеваме дека оваа соработка ќе стане традиција,” рече Грујоски.

Ѓоргоска-Илиевска ја истакна важноста на Фестивалот во поврзувањето на двете земји и изрази надеж дека следната година настанот повторно ќе собере бројна публика и ќе прикаже нови филмски остварувања.

Во својот говор Фабриц Фабијанац се присети на почетоците на соработката околу одржувањето на Фестивалот.

 „Првите разговори почнаа минатата зима во Вилнус и сум особено среќна што вечерва можеме да ги поздравиме нашите драги гости од Македонија и заедно да се нурнеме  во нивната богата филмска традиција”, изјави таа.

Во својот поздравен говор, честитајќи го денот на македонската независност, градоначалникот на Слатина, Томиќ, рече дека верува дека ова е почеток на една убава традиција.

„Се надевам дека ќе се видиме повторно следната година, можеби и во поголем број”, кажа Томиќ.

До крајот на септември, патувачкиот Фестивал на македонски филм  „Македонски филмски класици” ќе ги посети и Иванец, Велика Горица, Карловац, Лабин, Риека, Сисак, Нови Мароф, Иваниќ-Град, Вараждин, Копривница и Свети Иван Зелина, а освен гореспоменатите „Филмскиот опус на браќата Манаки, „Мирно лето”, „Тетовирање” и „Прашина”, ќе бидат прикажани и долгометражниот игран филм „Републиката во пламен” на Љубиша Георгиевски и кратките играни филмови „Ливада”, „Бунт на куклите”, „Сонце зад решетки” и „Подарокот на веселиот молер”.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни