Првиот пациент во светот што ќе ја прими руската вакцина против рак е од Србија

Пациентка од Србија со метастатски меланом ќе биде првата личност во светот што ќе започне лекување со руската персонализирана вакцина против рак, потврдија руски научници.

Првата личност во светот што ќе започне лекување со руската персонализирана вакцина против рак ќе биде пациентка од Србија. Станува збор за Јована Алексиќ, која боледува од меланом – агресивен карцином на кожа со метастази, изјави шефот на Катедрата за патологија на Сеченовскиот универзитет во Москва, д-р Сергеј Бољевиќ.

Во изјава за агенцијата „Спутник“, Бољевиќ нагласи дека лекувањето ќе започне во рок од еден до два месеца и дека не се работи за клиничко испитување, туку за реална терапија.

„Ова не е клиничка студија, туку лекување. Вакцината за пациентката ќе почнеме да ја подготвуваме веќе од понеделник на Институтот ‘Гамалеја’. Секоја вакцина е целосно персонализирана. Одлуката првиот пациент да биде од Србија е донесена поради добрите односи меѓу Русија и Србија“, изјави Бољевиќ.

Тој додаде дека паралелно се работи и со десетина други пациенти, но дека српската пациентка ќе биде првата во светот што ќе започне ваков тип лекување.

Фокус на меланом и рак на белите дробови

Според Бољевиќ, вакцината теоретски може да се применува во која било фаза на ракот, вклучително и кај метастази, и кај различни типови карциноми. Сепак, руските здравствени власти засега дозволиле примена само кај меланом и рак на белите дробови, додека за други заболувања, како ракот на дојка, сè уште се чека официјално одобрување.

Процесот на изработка на вакцината вклучува употреба на вештачка интелигенција, која ги анализира податоците од клетките на туморот и создава терапија што му овозможува на имунолошкиот систем на пациентот прецизно да ги препознае и уништи канцерогените клетки, без да ги оштети здравите.

Ефикасност до 95 проценти

Бољевиќ истакна дека досегашните резултати покажуваат ефикасност од околу 95 проценти и дека пациент кој успешно ќе се излечи од меланом со оваа вакцина, нема повторно да го развие истиот облик на рак.

Терапијата вклучува вкупно 10 дози, кои се примаат на секои две недели. Првите знаци дали туморот се повлекува можат да се забележат веќе по втората или третата доза.

Вакцината првенствено ќе се применува кај пациенти кои ги исцрпеле сите други терапевтски опции, со цел да се потврди нејзината ефикасност во најтешките случаи. Резултатите од истражувањата ќе бидат претставени на меѓународна конференција во Сочи, на почетокот на април.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни