Првиот ден на летото: Најдолгиот ден во годината и сигнал за климатска тревога

Летниот солстициум покрај тоа што е астрномски настан, тој е енергетски, климатски и длабоко човечки настан што бара внимание и свесност

Денес, 21 јуни, го дочекуваме летниот солстициум – првиот ден на летото и денот со најдолема должина на сончевата светлина во годината. Со 15-ина часа дневна светлина, ова е ден кога Сонцето достигнува највисока точка на небото, симболично отворајќи ги вратите за шестмесечен циклус на енергија, изобилство и движење. Но, додека природата ни дарува топлина, науката нè потсетува: летото доаѓа со сериозни климатски предизвици.

Летен солстициум: Ден за фокус и намера

Во повеќе култури и духовни традиции, летниот солстициум се смета за енергетски пресврт, ден кога треба да се фокусираме на свесноста, намерата и личната моќ. Како ќе го поминеме овој ден – со кого, каде, и во какво расположение – се верува дека влијае на тоа каков ќе биде нашиот пат низ остатокот од годината.

Овој ден е идеален за враќање кон природата, рефлексија, но и за поставување нови цели. Не е случајно што во северната хемисфера овој датум често се прославува со огнови, музика и заедништво – тоа е повик за внатрешен сјај, но и надворешна будност.

Климатските промени: Прв ден на лето, но со загрижувачки знаци

Летото го дочекуваме во време кога климатските промени сè повеќе го менуваат неговиот карактер. Само минатата година, Европа забележа неколку од најжешките денови во својата историја. Во Северна Македонија, според Управата за хидрометеоролошки работи, јуни 2023 година беше меѓу петте најтопли јуни во последните три децении.

Годинава, според предвидувањата на Европскиот климатски сервис Copernicus, летото 2025 се очекува да биде поскоро сушно, со повремени интензивни горештини, особено во јули и август. Промената во температурите носи и ризици од пожари, намален принос во земјоделството и зголемен притисок врз енергетските системи.

Од традиционален до екстремен: Како се менува летото?

Ако некогаш летото значеше одмор и стабилност, денес тоа сè почесто значи адаптација, грижа и одговорност. Температурите растат, дождовите се нерамномерни, а екстремните временски настани се почести. Според податоците на Светската метеоролошка организација, минатата година беше најтоплата во историјата на мерењата, а 2025 има потенцијал да ја надмине.

Научниците предупредуваат дека летата ќе стануваат подолги, потопли и поинтензивни ако не се преземат мерки за намалување на емисијата на стакленички гасови. Во меѓувреме, нашите навики – како користење клима-уреди, урбаното озеленување и заштитата на водните ресурси – можат да бидат мал, но важен придонес.

Енергијата на денот – лична и планетарна

Солстициумот не е само момент за мерење сенки. Тој е потсетник дека нашите животи се длабоко поврзани со движењата на планетата и со климатската стабилност. Во ден кога Сонцето најдолго престојува над хоризонтот, вреди да се запрашаме: како ние ја користиме таа светлина – и во себе, и околу себе?

Затоа, првиот ден на летото нека биде и прв ден на нова посветеност – на енергија, на природа, на свесност. Поминете го со блиските, под отворено небо, со почит кон сето она што Сонцето ни дава. Бидејќи како што покажува и науката, летото повеќе не е само годишно време – тоа е климатска реалност што бара наш одговор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни