Првиот авион Ф-16 треба да пристигне во Бугарија на 2 април, изјави бугарскиот министер за одбрана Атанас Запрјанов во Трговиште, пренесува БТА.
Според него, самиот чин на пристигнување не значи автоматски дека авионот веднаш ќе стане дел од бугарските вооружени сили. Потребно е време за завршување на административните процедури за предавање. Официјалната церемонија за примопредавање е закажана за 12 април, додаде министерот.
Запрјанов се осврна и на предлогот на бугарскиот премиер Росен Жељазков за формирање на мултинационален поморски координативен центар за безбедност на пловидбата во западниот дел на Црното Море, по средбата „Мир и безбедност за Украина“ во Париз.
– Во Бугарија веќе функционира поморски координативен центар кој работи 24 часа, седум дена во неделата. Тој ја врши задачата на мониторинг на морските простори и следење на пловидбата. Доколку се организира воено-поморска операција за безбедност во Црното Море, покрај нашите, турските и романските бродови, во групата за противминска заштита би можеле да се приклучат и други земји, изјави Запрјанов.
Тој истакна дека координацијата во бугарските територијални води во Западното Црноморие е неопходна. -Нашиот центар веќе е оперативен и опремен според НАТО-стандардите. Наместо да се создава нова структура, ние предлагаме да се искористи постоечкиот ресурс – тоа е најекономичното решение, објасни министерот.
Тој нагласи дека безбедноста на воздушниот и поморскиот простор на Бугарија е дел од националната безбедност на земјата и оти Бугарија мора активно да учествува во тие процеси, притоа поздравувајќи ја поддршката од другите држави.
Запрјанов ја посети фабриката „Терем – Хан Крум“ во Трговиште за средба со работниците, откако тие протестираа барајќи исплата на заостанатите плати и обезбедување на стабилност во нивниот ангажман.