KPN е првата голема холандска компанија која на своите вработени им нуди неограничени денови за одмор.
Одлуката е ставена во колективниот договор, јавуваат холандските медиуми.
„На нашите вработени им е дозволено сами да одлучат како ќе го користат одморот“, рече Барт Веберс од KPN.
Тој додаде дека компанијата сака да им даде на вработените поголема слобода во изнаоѓање рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот.
„Следењето на бројот на преостанати денови за одмор едноставно не оди со тој концепт“, додаде тој.
Ова, сепак, не значи дека вработените може одеднаш да одлучат да не доаѓаат на работа, бидејќи секој одмор треба да биде одобрен.
„Секако, слободните денови се земаат во договор со претпоставениот“, потенцира Веберс.
Според Financieele Dagblad, синдикатите вклучени во преговорите не биле ентузијасти за додавање на неограничен одмор на колективниот договор, бидејќи сметаат дека сите вработени нема да имаат еднаква корист.
Од друга страна менаџментот на KPN е задоволен.
Меѓутоа, меѓу вработените во центарот за повици, на пример, се појави „сомнеж“. Синдикатите истакнаа дека притисокот од колегите и распоредот на смените може да ја поткопаат оваа слобода.
Според здружението на работодавачи AWVN, неколку мали и средни компании веќе нудат неограничен годишен одмор. Вработените сакаат помалку правила и поголема флексибилност помеѓу работата и приватниот живот.
„Ова се вклопува во трендот на поголема автономија на вработените“, рече Јан ван дер Велде од AWVN.