Четиринаесетта година по ред, под симболично име „Први на Први,“ Олимпус Монс од Битола го организираше традиционалното ноќно искачување на врвот Пелистер (2601 мнв), кое се одржува на првиот ден од Новата година. Овој уникатен спортски настан, кој привлекува планинари и љубители на природата, е првиот спортски предизвик не само во Македонија, туку и во поширокиот регион.
Искачувањето започна една минута по полноќ од Инфоцентарот на Националниот парк Пелистер (1360 мнв). Дваесет ентузијасти, вооружени со факели и предводени од планинарските водичи: Влатко Крбалески, Иванчо Тошевски, (новиот директорот на НП Пелистер). Манифестацијата беше одлично организирана, со водичи, лекар, ски-санка, џип ратрак, се што е потребно за безбедно планинарење во зимски и ноќни услови. Планинарите успешно го совладаа предизвикот на 13-те километри кои водат до врвот, пешачејќи 5-6 часа низ магичната ноќ под ѕвездите. Групата беше дополнета со поддршка од локалните власти, а градоначалникот на Битола лично ги испрати планинарите, поздравувајќи ја нивната решителност и посветеност.
На врвот, првото изгрејсонце во 2024 година го дочекаа со црвени факели и огномет, создавајќи спектакуларна атмосфера. Дронови го овековечија моментот, додека присутните уживаа во уникатниот поглед што го нуди Пелистер – од Шар Планина на север, преку Пирин на исток, па сè до Олимп на југ.
„Чувството да го дочекате првото изгрејсонце во новата година е бесценето. Пелистер е еден од најубавите природни видиковци и магијата која се создава овде е неповторлива,“ изјави Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк Пелистер.
Настанот има за цел да ги промовира природните убавини на Пелистер, но и да поттикне здрави навики за живот. Иако секоја година условите за искачување се различни, оваа година времето беше совршено – без ветер, под чисто небо исполнето со ѕвезди. Планинарите пешачеа 28 километри цела ноќ, без пауза за спиење, но со многу ентузијазам и позитивна енергија.
Оваа традиција станува сè попопуларна и претставува вистинска инспирација за сите љубители на природата и авантуристите кои сакаат да ја започнат годината со адреналин и духовно исполнување.