По повеќе од 50 години од последното човечко патување до Месечината, вселенската трка влегува во нова фаза. Со мисијата Artemis II, американската астронаутка Кристина Кох ќе стане првата жена што ќе патува до Месечината и ќе ја обиколи нејзината орбита – момент што веќе се најавува како еден од најважните пресврти во историјата на вселенските истражувања.
Кристина Кох не е ново име во научните кругови. Во периодот од 2019 до 2020 година таа помина 328 дена на Меѓународната вселенска станица, најдолг непрекинат престој што некогаш го имала една жена во вселената. За време на таа мисија, Кох работеше на експерименти со темна материја, 3D-печатење биолошки ткива и медицински истражувања, а истовремено беше дел и од првата целосно женска вселенска прошетка на International Space Station.

Следниот чекор е уште поголем. Artemis II, како дел од лунарната програма на NASA, ќе биде првата екипирана мисија што ќе ја тестира новата ракета Space Launch System и леталото Orion. Мисијата ќе трае околу 10 дена и ќе вклучува лет околу Месечината без слетување, но со директен увид во нејзината далечна, „темна“ страна – нешто што досега го направиле исклучиво мажи.
Иако Кох нема да стапне на површината, нејзиното учество има длабока симболика. Таа ќе стане првата жена што човештвото ја испратило до Месечината, отворајќи ја вратата за идните мисии во кои НАСА најавува дека првпат ќе слета и жена. Парадоксално, токму овој лет може да значи дека Кох нема да учествува во идните мисии со слетување, поради строгите доживотни ограничувања за изложеност на радијација кои важат за астронаутите.
Но историската тежина на Artemis II оди подалеку од личните рекорди. Мисијата претставува клучна проба за враќање на луѓето на Месечината за првпат од 1972 година и дел од поширока стратегија за долгорочно човечко присуство во длабоката вселена. Во таа слика, улогата на Кристина Кох е повеќе од симболична – таа е доказ дека вселената повеќе не е простор резервиран за еден пол, една генерација или една ера.
Со Artemis II, Месечината повторно станува човечка дестинација. А овој пат, историјата ќе ја испише и првата жена што ќе ја „освои“.
