Првата виолина на Ајнштајн оди на аукција за речиси 346.000 евра

Виолината на која Ајнштајн свирел од младоста, скриена од нацистите, ќе се најде на продажба во Велика Британија

Првата виолина на легендарниот физичар Алберт Ајнштајн, инструмент кој бил скриен од нацистите, ќе се најде на аукција во Велика Британија по почетна цена од 300.000 фунти (околу 345.800 евра), јави агенцијата Tanjug повикувајќи се на Daily Mail.

Ајнштајн ја набавил виолината во средината на 1890-тите години, пред да го напушти Минхен и да замине во Швајцарија на студии. На инструментот, на кој самиот вгравирал „Lina“, свирел и во своите тинејџерски години и во зрелоста – токму во периодот кога ја развивал својата славна теорија на релативноста.

Виолината, која ја носи оригиналната етикета на минхенскиот производител, ги содржи сите првобитни делови – жици, опашна врвка и завртките за фино подесување.

Покрај виолината, на аукција ќе се најдат и Ајнштајновото велосипедско седиште, проценето на околу 57.600 евра, како и книга за филозофијата на Декарт и Спиноза, потпишана двапати од научникот, која може да достигне цена од најмалку 3.500 евра.

Овие предмети останале во сопственост на семејството Ајнштајн повеќе од седум децении, пред да бидат пренесени кај аукциската куќа Dominic Winter во Сајренстер, Глостершир.

Ајнштајн, кој започнал да свири виолина на само пет години, останал страстен музичар цел живот, настапувајќи и јавно. Некогаш дури и изјавил дека би избрал кариера како музичар, доколку не станел физичар.

Извор:N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни