Прва специјализирана просторија за сослушување деца – жртви на трговија со луѓе отворена во Јавното обвинителство

Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска беше свечено отворена првата специјализирана просторија за сослушување на деца – жртви и сведоци на трговија со луѓе, прилагодена според највисоките европски и меѓународни стандарди.

Како што соопштија од Јавното обвинителство, целта е создавање безбедна, поддржувачка и емпатична средина за најранливите категории – децата кои се жртви на трговија со луѓе.

-Просторијата не е само функционален простор, туку алатка од суштинско значење. Таа е одраз на нашата заложба како институција да бидеме на страната на граѓаните – особено на оние на кои најмногу им е потребна заштита и разбирање, изјави Основниот јавен обвинител Ислам Абази.

На настанот се обрати и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, која ја нагласи важноста на заедничката борба против трговијата со луѓе и потребата од одржливи решенија за заштита на жртвите.

-Особено е важна заштитата на најранливите – децата жртви во текот на целиот кривичен процес. Сакаме оваа иницијатива да биде одржлива и ефективна и ќе продолжиме да ја поддржуваме, рече Дрекслер.

Освен Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, овој простор ќе го користат и другите обвинителства со проширена надлежност што имаат потреба од ваков простор. Во таа насока, Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, истакна дека ова е чекор кон трансформација на обвинителството во институција со човечко лице.

-Оваа просторија е одраз на нашите заложби да го трансформираме обвинителството од студена институција во модерна европска организација, која ги става правата на најранливите во фокусот на своето работење, рече тој.

Иницијатива е дел од регионалниот проект EU4FAST, финансиран од Европската Унија, а ко-финансиран од Германија, Италија и Холандија.

Од ЈО дополнуваат дека во наредниот период со поддршка на проектот ќе се развиваат стандардни оперативни процедури и ќе се спроведе симулациска вежба, со цел оваа иницијатива да биде вистински функционална, етички исправна и во целосна служба на жртвите и правдата, како и воспоставување на добри практики што ќе останат трајна вредност за системот.​

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни