Под мотото „Култура на безбедност – здрава заедница“, на Градскиот плоштад денеска од 11:00 до 13:00 часот се одржа настан посветен на промоцијата на првата помош, по повод 17 Март – Денот на формирањето на Црвениот крст и Денот на крводарителството.
На плоштадот беа поставени повеќе едукативни пунктови со симулации на прва помош во различни сценарија. Граѓаните имаа можност практично да видат како да реагираат во итни ситуации, но и директно да поставуваат прашања за постапките при повреди.
Демонстрациите ги изведоа обучени волонтери и животоспасители, како и кадри од Министерството за внатрешни работи и Армијата. Присутна беше и националната интервентна единица на Црвениот крст на Македонија.
Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска, најави почеток на нова кампања за промоција на првата помош.
– Оваа година ќе се фокусираме на обуката за прва помош на лицата во работните организации. Првата помош во основните и во средните училишта е на високо ниво на застапеност. Има многу млади што ја знаат првата помош и учествуваат на натпреварите, кои се традиција секоја година – изјави Тунева-Пауновска.
Таа нагласи дека институциите се важни партнери во оваа област.
– Многу е важно првата помош да биде дел од секојдневието на секој општествено одговорен граѓанин. Првата помош е нешто што значи спасување човечки живот – децидна е Тунева-Пауновска.
Дополнително посочи дека интересот за прва помош расте по несреќи, но со текот на времето опаѓа.
– Со ваквите настани сакаме да се задржи интересот на континуирано ниво и граѓаните да научат како првично да реагираат во случај на несреќа – заклучи Тунева-Пауновска.
Шефот на кабинетот на градоначалникот на Скопје, Кирил Митревски, истакна дека градот ќе продолжи да дава поддршка.
– Град Скопје ќе продолжи со максималната поддршка на Црвениот крст, бидејќи токму оваа организација е постојано присутна во сите кризни ситуации – потенцираше Митревски.
По повод 80 години од постоењето на Црвениот крст, беше врачена јубилејна плакета за градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, која во негово име ја прими Кирил Митревски од генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити.
Претходниот ден, Ѓорѓиевски и неговиот тим станаа членови на Црвениот крст, добивајќи членски карти и униформи, со обврска да ја плаќаат редовната членарина.
– Со ваквите активности, Црвениот крст придонесува кон создавање побезбедни, поздрави и поотпорни заедници во кои секој граѓанин може да биде подготвен да помогне – заклучи Саити.