Прва годишнина од падот на Асад: Како изгледа Сирија една година подоцна?

На првата годишнина од соборувањето на сирискиот автократ Башар ал-Асад, земјата се наоѓа на крстосница помеѓу надежта и неизвесноста.

Иако е постигнат напредок во надворешната политика и делумно во безбедносната состојба, секојдневието за милиони обични Сирјци и натаму останува тешко, обременето со сиромаштија, недостиг од услуги и нерешени последици од повеќедецениската репресија и војна.

Осми декември ја одбележува првата годишнина од падот на Асадовиот режим, кој владееше повеќе од половина век, Хафез ал-Асад од 1971 година, а потоа неговиот син Башар од 2000 година. Автократијата доведе до народно востание во 2011 година и до крвав граѓански конфликт што траеше речиси 14 години. Сè се промени на 8 декември 2024 година, кога бунтовничката милиција Хаџат Тахрир ал-Шам (ХТС) со брза офанзива го собори режимот. Асад со семејството избега во Русија, а лидерот на ХТС, Ахмед ал-Шара, во јануари стана привремен претседател на Сирија.

Денес, земјата повеќе не е подложена на разорни воздушни напади и бомби, но според Советот за безбедност на ОН, безбедносниот пејзаж останува фрагментиран. Иако Дамаск е релативно мирен, вооружени инциденти сè уште се случуваат во различни региони, често вклучувајќи Курди, Друзи и други заедници. Остатоци од поранешниот режим делуваат во сенка, а присутни се и стравувања од повторно јакнење на Исламска држава. Новите власти, според Агенцијата на ЕУ за азил, сè уште немаат целосна контрола врз територијата, а забележани се случаи на криминал и одмаздничко насилство.

Процесот на транзициска правда е отежнат. Основани се две независни комисии: за исчезнатите лица од периодот на војната и за злосторствата на поранешниот режим, но нивната работа оди со различно темпо. Комисијата за исчезнати лица е активна, додека втората бележи слаб напредок поради недоволна поддршка од централната власт. Human Rights Watch ја критикува владата дека се фокусира исклучиво на злосторствата на Асадовиот режим, игнорирајќи ги можните прекршувања од страна на ХТС.

Првите делумно слободни парламентарни избори се одржаа годинава поради извонредните услови, а подготовката на новиот устав е во тек. Национални дијалози се одвиваат, но разликите меѓу заедниците остануваат длабоки. Критичарите предупредуваат дека ал-Шара постепено ја зацврстува власта, покажувајќи авторитарни тенденции. Аналитичарите оценуваат дека е прерано да се зборува за вистинска демократизација, но дека постојат скромни знаци на враќање на изборна политика.

Во надворешната политика има големи промени. Сириските дипломатски мисии повторно се отвораат, а ал-Шара интензивно воспоставува контакти со светските сили. И покрај неговото минато и врските со Ал-Каеда, во септември тој се обрати на Генералното собрание на ОН, а во ноември ја посети Белата куќа, прв сириски лидер што го направил тоа од 1946 година. Земјата обнови комуникација со сите пет постојани членки на Советот за безбедност, што се толкува како прагматичен дипломатски пресврт. Но израелските воени упади и понатаму ја загрозуваат стабилноста, поттикнувајќи нови регионални тензии.

Околу 2,9 милиони Сиријци се вратиле во земјата, внатрешно раселени и бегалци од странство, но мнозина затекнуваат само урнатини, уништени училишта и болници, како и нерешени имотно-правни спорови. Хуманитарните организации предупредуваат дека повеќе од половината водоводна мрежа и речиси 80% од електроенергетската инфраструктура се уништени или нефункционални. Сепак, постојат извесни подобрувања: стотици училишта се обновени, а снимките од сателити покажуваат постепено зголемување на производството на електрична енергија.

Економијата останува длабоко погодена. Околу четвртина од населението живее во екстремно сиромаштија, а повратниците тешко наоѓаат работа. Светската банка предвидува скромен раст од околу 1% во 2025 година. Дел од санкциите се укинати или суспендирани, а финансиските инјекции од Саудиска Арабија и Катар можат да помогнат во обнова, иако секојдневниот живот на граѓаните засега се подобрува многу бавно.

Една година по падот на Асад, Сирија останува земја со мешавина од надеж и длабока ранливост. Дали ќе продолжи кон инклузивно управување или ќе западне во нов авторитаризам ќе зависи од способноста на привремените власти да воспостават владеење на правото, стабилност и доверба меѓу сите заедници, задачи кои и понатаму остануваат огромен предизвик.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни