Денес од 20:00 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ), а во рамки Перформанс Платформа Фестивал (ППФ) 2025 – јунска едиција во организација на Локомотива, дебитира пионерската иницијатива, прва Македонската кореографска платформа (МКП), потикната од кураторките на фестивалот, Биљана Тануровска-Ќулавковски и Викторија Илиоска. со цел да ги споделат своите ресурси и да ја започнат иницијативата заедно со новата генерација македонски кореографи, меѓу кои се Ивана Балабанова, Дејан Битровски, Адријана Данчевска Ровчанин, Теодора Ежовска, Александар Георгиев, Тереза Лазарев и Александра Петрушевска.
„Подигнувајќи го гласот на локалните кореографи и вклучувајќи се во пораките за работничките права, Македонската кореографска платформа (МКП) се стреми да стане настан кој не само што го ангажира танцовиот сектор туку ја вклучува и целата независна сцена и придонесува кон поширокиот европски дискурс за танцот и перформансот. Кореографите кои се дел од оваа иницијатива упатија повик до институциите повикувајќи на подобрување на условите со современиот танц во земјава“ велат организаторите.
МКП ќе ги претстави уметничките практики на седум македонски кореографи во форма на презентации со времетраење од 20 до 30 минути, при што кореографите ќе ја претстават својата уметничка практика како извадок од „завршен перформанс“, како работен процес или како перформанс. На крајот од секој ден, по перформансите ќе следат разговори со уметниците, модерирани од Нефели Јоти и Калиа Димитрова.