Во текот на ноќта во Хрватска падна првиот снег оваа сезона. Забелени се снежни врнежи во Лика, Горски котар и на Сљеме.
Хрватскиот авто-клуб (ХАК) соопшти дека автопатите што минуваат низ планински предели се под снег и упати апел до возачите за зголемен опрез и приспособување на брзината кон зимските услови, пренесува Index.
За денес е најавено претежно облачно време со дожд, а снег претежно на повисоките места.
Камион се превртел – блокада на автопатот
На автопатот А1, меѓу Бриње и Огулин, близу тунелот Мала Капела, утрово пред 7 часот се превртел камион и целосно го блокирал сообраќајот. Колоната е долга околу два километра, а сообраќајот е во прекин, соопшти ХАК. Патот е целосно побелен, а сообраќајот се пренасочува по алтернативна рута.
Снег во Босна и Херцеговина
Во БиХ снег утрово паѓа на Бјелашница, Јахорина и Влашиќ, каде е формиран и тенок снежен покрив. Во пониските делови врне дожд, а снег главно на планините, пренесува Klix.ba.
На Бјелашница во 7 часот температурата изнесувала –4°C.
За денес се очекува претежно облачно време со дожд, а снег во високите подрачја и планините.
Снег во Словенија
Утрово делови од Словенија ги дочека вистинска зимска слика. Според 24ur.com, жителите на Љубљана биле изненадени од снегот што се задржал на автомобилите.
Бел слој е забележан во алпските котлини, делови од Корошка, Љубљанската котлина, Нотранска, Кочевска, Доленска и Бела Крајина.
Поради зимски услови, на патниот правец Кол – Чрни Врх – Годович е забрането движење на приколки и полуприколки.
Поради силна бура, на регионалните патишта Село – Ајшевица – Вогрско и Раздрто – Поднанос – Випава забранети се каравани, ладњачи и возила со церада до 8 тони.
