Здравствените власти во Италија потврдија прв случај на инфекција со вирусот A(H9N2), познат како еден од типовите на птичји грип кај човек во Европа.
Заразениот пациент, кој патувал надвор од континентот пред да пристигне во регионот Ломбардија, моментално е хоспитализиран и се наоѓа во изолација. Според италијанското Министерство за здравство, веднаш биле спроведени сите епидемиолошки проверки, а контактите на пациентот се идентификувани.
Ова е прв регистриран случај на H9N2 кај човек во Европа, иако вирусот со години циркулира во делови од Азија и Африка.
Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, од 1998 година досега се регистрирани 195 човечки случаи во светот, најчесто поврзани со директен контакт со заразени птици.
Иако појавата на H9N2 во Европа звучи алармантно, здравствените институции нагласуваат дека ризикот за општата популација останува многу низок. Вирусот ретко се пренесува меѓу луѓе, а досегашните случаи се поединечни и без докази за ширење од човек на човек.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Европската агенција за безбедност на храната наведуваат дека ваквите спорадични инфекции не се неочекувани во региони каде што вирусот циркулира кај птици.
Сепак, случајот во Италија ја нагласува важноста на континуираниот надзор и брзата реакција на здравствените служби, особено во контекст на глобалните патувања и можноста за увоз на заразни заболувања.