Прв самит на Г20 во Африка: ЕУ реагира на американскиот план за мир во Украина

На првиот Г20 самит во Африка, лидерите усвоија декларација за климатските промени, додека ЕУ побара дополнителна работа на американскиот план за мир во Украина.

Првиот самит на Г20 што се одржа во Африка започна во саботата со присуство на лидери од Европската Унија и други водечки и во развој економии, додека американскиот предлог за мир во Украина доминираше на маргините на самитот.

Лидерите на Г20 усвоија декларација за климатската криза и други глобални прашања на почетокот на конференцијата во Јужна Африка, и тоа во време кога САД го бојкотираа самитот, а лидерите на ЕУ реагираа на американскиот план за мир.

Изјавата од маргинален состанок на лидерите на ЕУ потврди дека „спроведувањето на елементите поврзани со Европската Унија и НАТО бара согласност од членовите на ЕУ и НАТО“.

Усвоена декларација без компромис

Портпаролот на претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса, изјави дека декларацијата усвоена на самитот за климатската криза „не може да се преговара“, нагласувајќи дека американската страна имала забелешки на формулациите.

„Целата година работеавме кон ова усвојување, а изминатата недела беше навистина интензивна“, рече портпаролот.

Во говорот при отворањето, Рамафоса потенцираше дека самитот е важен за целиот континент: „Бидејќи ова е првиот самит на Г20 во Африка, тој носи надежи и мора да ги отсликува стремежите на луѓето од овој континент и од светот.“

Претседателот додаде дека сите учесници имаат одговорност „да не дозволат да се намали вредноста и влијанието на првото африканско претседателство на Г20“.

Присуство на ЕУ и нивната порака

Меѓу присутните беа и највисоките претставници на ЕУ: претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста.

Фон дер Лајен во својот говор истакна дека самитот е значаен и повика на „вклучувачки и одржлив економски раст што никого нема да остави зад себе“. Таа додаде дека глобалните нерамнотежи бараат координирана и заедничка акција и дека Европа треба да го зголеми својот ангажман и инвестиции.

ЕУ бара „дополнителна работа“ на американскиот план

И покрај бојкотот на САД, американскиот предлог за мир во Украина остана клучна тема на маргините на самитот. Лидерите на Велика Британија, Франција и Германија се сретнаа со цел да разгледаат алтернативи на американскиот план за запирање на руската агресија.

ЕУ, по маргинален состанок, ја поздрави продолжената американска иницијатива за мир, но истакна: „Сметаме дека нацрт-документот е основа која ќе бара дополнителна работа. Подготвени сме да се вклучиме за да се осигура траен мир.“

ЕУ додаде и дека „јасно стои принципот дека границите не смее да се менуваат со сила“.

Контакт со Украина

Во саботата, лидерите на ЕУ покажаа поддршка кон Киев по телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, што дојде како реакција на 28-точковниот американски план. Зеленски порача дека Украина може да се соочи со тешка одлука помеѓу заштита на суверенитетот и задржување на американската поддршка.

Американскиот план предвидува дел од територијата на Украина да се предаде на Русија, намалување на украинската армија, блокирање на патот кон НАТО и ограничени безбедносни гаранции, нешто што Киев повеќепати го одби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни