Од 19 до 21 октомври

Прв регионален феминистички фестивал во Скопје – театар, музика, изложби…

Од ФЕС истакнуваат дека феминизмот е борба, но и визија за свет без дискриминација, насилство и нееднаквости

Фондацијата „Фридрих Еберт” – Канцеларија Скопје најавува дека за првпат во Скопје ќе се одржи регионалниот феминистички фестивал „Еден свет, една борба”, од 19 до 21 октомври 2025 година. Овој фестивал претставува уникатна платформа за уметничко и општествено изразување, преку која регионални и европски уметници ќе говорат за најзначајните теми на нашето време, а тоа се родова еднаквост, феминизам, солидарност и социјална правда.

Во текот на сите три дена, публиката ќе има можност да проследи театарски претстави, музички настапи, изложби и уметнички инсталации кои ја отвораат дискусијата за родот, слободата на изразување и правото на различност.

Фестивалот ќе започне на 19 октомври, во 19:00 часот во Македонскиот народен театар со свечено отворање и театарска претстава „Девојчиња” од Србија, во режија на Милена Богавац.

На 20 октомври, во 19:30 часот, во Музејот на современа уметност ќе биде изведена театарската претстава „Мојот таканаречен живот во Копенхаген” од Босна и Херцеговина и Хрватска. Во 20:15 часот следува претставата „Злогласниот круг” од Косово, како и перформансот „Погледи” од Словенија, во 20:30 часот. Публиката ќе има можност да ја посети и изложбата „Гласови низ пламенот” од Украина, инспирирана од новинарски сведоштва, и „Луѓето кои ме обликуваа: Кој ме направи феминистка?” од Босна и Херцеговина. Вечерта ќе заврши со DJ сет.

Последниот ден, 21 октомври, со почеток во 12:00 часот, Градскиот парк ќе стане сцена на повеќе настапи и перформанси: DJ сет на Вики Качакова од Северна Македонија, партиципативната инсталација „Разврти го системот” од Босна и Херцеговина, кратка изведба на претставата „Девојчиња” од Србија, како и аудиовизуелниот перформанс „Реките не се враќаат наназад – флуидност и род” од Швајцарија и Иран. На програмата ќе се најдат и музички настапи: „ДРАГА (Под нашата липа)” од Србија со пејачката Бојана Вунтуришевиќ и хорот на „Рефлектор театар”, како и настапи на средношколски бендови од Северна Македонија.

На овој начин, фестивалот обединува уметници од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Словенија, Албанија, Украина, Швајцарија и Иран, претворајќи го Скопје во центар на регионален културен дијалог и соработка.

Од ФЕС истакнуваат дека феминизмот е движечката сила за изградба на поправедно и еднакво општество. Феминизмот е борба, но и визија за свет без дискриминација, насилство и нееднаквости. Преку театар, музика, перформанси и изложби, првиот регионален феминистички фестивал ја става пораката во центарот дека без еднаквост нема ниту демократска, ниту просперитетна иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни